Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за МИА во Брисел, изјави дека смета – сите земји од Западниот Балкан треба заедно да влезат во Европската Унија, а не некоја да оди понапред од друга.
Димитриеска-Кочоска, денеска во рамки на својата работна посета на Брисел говореше на панелот „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“ во рамки на Конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“.
Таа посочи дека на панелот биле изнесени различни размислување од страна на говорниците, при што некои се залагале за постепено проширување на ЕУ, а дури пак се изјасниле дека е важно приемот на нови членки да се врши врз системот на заслуги.
„ Некогаш ние бевме лидери во регионот во однос на исполнување на обврските, а денес имаме еден проблем, проблемот со Бугарија. И како резултат на тој проблем, го поставив прашањето – како ќе го калкулираме или како ќе мериме согласно системот на заслуги. Затоа тоа е нешто што треба да стои на страна и понатаму да се разговара, но приемот треба да биде заеднички на сите земји од Западниот Балкан, особено што, пак ќе кажам, станува збор за прашање коешто не можеме да го измериме и да кажеме дали Македонија направила сè што треба или не направила“, додаде Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи и дека ние како земја што чека да почне преговори со ЕУ, ги исполнуваме обврските коишто ни се дадени и тоа со една забрзана динамика особено во делот на Планот за раст на Западниот Балкан.
„ Во тој дел, како Влада, постојано имаме состаноци, координации заедно со министерот за евроинтеграции, во насока на тоа што побрзо да ги исполниме сите обврски и да започнеме со преговорите што побрзо“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Во однос на Планот за раст на регионот, таа нагласи дека Министерството за финансии ја подготвило комплетната потребна документација и нашиот договор за Инструментот за раст и реформи е испратен до Европската комисија, по што сега се чека одговор дали е прифатлив во таква форма.
Димитриеска-Кочоска посочи дека во рамки на планот на раст, земјава треба да добие над 50 милиони евра во форма на предфинансирање, но дека исплатата е одолговлечена затоа што Србија поставила дополнителни прашања во однос на нејзиниот договор.
Во врска со препораките од Извештајот во делот на финансиските и буџетските одредби, за поефикасна примена на мерките за намалување на даночната евазија, измамите и неформалната економија, како и за подобрување на внатрешната контрола во јавниот сектор, Димитриеска-Кочоска нагласи дека во изминатиов период Владата и на дело покажала дека сериозно работи во спроведување на овие барања.
„Жално е што ги бара ЕУ, секоја одговорна Влада требала да ги преземе сите овие обврски и да си ги заврши работите, а не да чека некој друг да ја потсети за нешто што значи домашно регулирање или испорачување на обврските. Како Министерство за финансии, заедно со УЈП, сериозно работиме на воведување на е-фактурата ,којашто би требало да значи сериозна борба со сивата економија. Во исто време Царинската управа, исто така, сериозно работи во делот на контрола на влезот на стоки во државата. Така што, можам да кажам дека во тој дел имаме сериозно подобрување на сите перформанси или насоченост во подготовка на одредена дигитализација на софтвери и системи со цел да ја намалиме даночната евазија“, рече Димитриеска-Кочоска.