„Диво Насеље“: Горчина од неодговорени прашања и почит кон жртвите

0
527

Денеска е точно една година од крвавиот судир на полицијата и на терористичката група во кумановското Диво Насеље, во која осум специјалци на Министерството за внатрешни работи (МВР) загинаа, а 37 беа ранети, пишува „Мета“.

Министерството за внатрешни работи, по завршувањето на борбите, на 10 мај излезе со изјави и со соопштенија дека е ликвидирана „една од најопасните терористички групи на Балканот“, која планирала напади на државни институции и во наредните неколку дена објавуваше видеоснимки од акцијата, по што следуваше молк.

Обвинителството, исто така, веднаш по акцијата соопшти дека почнало истрага, но за противречностите што се јавија во меѓувреме околу одредени битни детали, информираше по иницијатива и на прашања поставени од медиумите.

Сепак, и покрај судењето на 29 лица обвинети за терористичките настани, многу работи останаа непознати.

Досега е познато следното:

  • Загинаа осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа повредени;
  • Криминално-терористичката група броела четириесетина членови;
  • Во борбите со полицијата убиени се 10 членови на групата;
  • По борбите, на полицијата ѝ се предадоа 28 терористи;
  • Како водачи на групата се идентификувани Мухамед Красниќи, таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај, таканаречен командант Нато, Сами Укшини, таканаречен командант Соколи, Бег Ризај, алијас командант Бегу, и Деме Шеху, алијас Јунику;
  • Групата повеќе месеци била следена од безбедносните служби;
  • Истата група е одговорна за нападот на караулата Гошинце на 21 април минатата година;
  • Групата планирала напади на државни и на цивилни цели;
  • Во околината на селото Брест, во бункер на отворен простор е пронајдено украденото оружје од караулата Гошинце (местото го посочил еден од уапсените во акцијата во Куманово, кој, според информации на медиумите, што надлежните ниту ги потврдија ниту ги демантираа, успеал да ѝ побегне на полицијата;
  • Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју во емисијата „Патот кон…“ на „Алсат-М“, рече дека учествувал во преговорите за предавање на групата;
  • Еден од уапсените со терористичката група е вработен во Министерството за внатрешни работи (надлежните ја потврдија оваа информација по прашања иницирани од медиумите);
  • Агенцијата за разузнавање информира дека за случаите во Гошинце и во Куманово, „во однос на намерите на водачите на терористичката структура, нивни капацитети, логистички бази, курс на акција на непријателот, од страна на Агенцијата направено е рано предупредување во рамки на своите надлежности, во согласност со Законот за Агенција за разузнавање“.

Шпекулации:

  • Припадници на македонските тајни служби контактирале со членови на групата месеци пред настаните од 9 и од 10 мај;
  • Косовската разузнавачка агенција ги информирала претседателката Атифете Јахјага и премиерот Иса Мустафа за можноста за инцидент во Куманово;
  • Се споменуваат имиња на македонски политичари, агенти и функционери кои биле вклучени во инцидентот во Куманово;
  • Косовската полиција преку преслушувани разговори открила дека кумановската група планирала напад на косовскиот затвор во Подуево и ослободување на двајца озлогласени криминалци;
  • Борбите во Куманово биле договорено сценарио зад кое стоело предавство на членови на групата;
  • Плановите за Куманово биле правени во автомобил „бе-ем-ве“ во Урошевац;
  • Ноќта пред акцијата било евакуирани 70 отсто од населението во кумановско Диво Насеље;
  • Ситуацијата излегла од контрола кога членови на групата почнале да пукаат кон полицијата.

Целиот текст ОВДЕ