Дејан Митровски – Урко доби кривична пријава за сообраќајката кај скопска Рампа

0
737

Kривична пријава против Дејан Митровски – Урко, поранешниот шеф на обезбедувањето на експремиерот Никола Груевски, денеска поднесе МВР до Основното јавно обвинителство. Митровски се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, пренесе „Нова ТВ“.

„Пријавата е земена во работа и истата се разгледува од страна на надлежниот јавен обвинител, по што ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено информирана“, пишува во одговорот од ОЈО Скопје, информира порталот „Нова“.

Од обвинителството соопштиле и дека според добиениот наод од алкотест кај двајцата учесници, жртвата и Митровски, не е пронајден алкохол во крвта.

Од записникот може да се види дека сообраќајката се случила 30 минути по полноќ на 27 јули, кај крстосницата од булеварот Борис Трајаковски и улицата Невена Ѓеоргиева Дуња.

Во несреќата беше повреден Стојанчо Андонов, роден 1994 година, чиј мотоцикл, марка „хонда цбр 900“, без регистарски ознаки, како што стои во записникот, излегол десно од коловозот и преминувајќи го тротоарот удрил во прозорско стакло и во алуминиумски рам од месарницата „Солета“, а возачот со телото удрил во билборд поставен на тротоарот.

По неколку дена Андонов почина.

Дејан Митревски – Урко беше разрешен од обезбедувањето на Груевски во септември 2014 година, а причините не беа официјално соопштени.

Неговото име се споменува и во дел од прислушуваните материјали што минатата година ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ.

Извор: Мета