Вработена во прилепскиот Центар за социјални работи е ранета од огнено оружје денеска нешто пред 14 часот, во просториите на Центарот.
Веднаш е пренесена во прилепската болница и според првичната информација од директорот на Болницата, таа е во стабилна состојба.
Прилеп социјална работнична повредена
Од службата за итна помош биле повикани во Центарот да укажат помош во 13:55 часот. Според началникот на Итната помош, Боше Милошески, 38-годишната социјална работничка има прострелна рана од куршум во стомакот.
Јавен обвинител и полицијата вршат увид во просториите на Центарот и наскоро најавија информации за случајот и напаѓачот, кој неофицијално, подолго време ја демнел.
„Во 13.53 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во Центарот за социјални работи Прилеп имало пукање со огнено оружје и било повредено едно лице кое е пренесено во Градска болница Прилеп. Од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп било излезени на лице место при што лишен од слобода бил А.Ј.(50) од Прилеп кај кого се пронајдени пиштол и нож“, велат од МВР.