ДЕСПОТОВСКИ ГИ ПОВИКА НА ЈАВНА ДЕБАТА КАНДИДАТИТЕ НА СДСМ

0
184

Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

Јован Деспотовски, како кандидат за нов лидер на СДСМ, ги повика конкурентите на јавна дебата бидејќи според него тоа им го должат на членовите.

„Упатувам покана до сите кандидати за претседател на СДСМ за организирање на јавни дебати.Тоа им го должиме и на членовите, но и на сите граѓани, кон кои и денес и во периодот по избор на нов претседател треба да продолжиме да им се обраќаме. Сите кандидати зборуваат за луѓето, за членството, за важноста на „теренот“. Затоа очекувам сите да ја прифатат оваа иницијатива и да излеземе пред луѓето со своите програми, предлози, ставови и одговори. СДСМ е голема политичка партија, која во минатото секогаш ги движела процесите во општеството. Јавното соочување е нешто за што секогаш сме се залагале и за кое секогаш сме имале храброст да го бараме од нашите политички противници.

Денес, кога сме исправени со историски предизвик за партијата, но и за државата, треба повторно да почнеме од самите нас. И да покажеме дека имаме и програма и визија и идеи како СДСМ, но и Македонија да одат напред.Со јавната дебата ќе покажеме дека сме отворени и посветени на фер процес, во кој информацијата, можноста, идејата ќе дојде до што е можно поширок круг на наши членови, а не само до затворен круг на партиски структури. Процесот на избор на претседател на СДСМ е се освен прашање/право на затворен круг на луѓе. Дебатата мора да биде широка, а во изборот да вклучиме што е можно поголем број од нашите десетици илјади членови. Нашите членови, избирачи се значаен дел од македонската јавност и тоа не смее да се заборава, порача Деспотовски.

Трката за прв човек во СДСМ официјално ќе се води помеѓу петмина кандидати – неврохирургот Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски, Александар Бајдевски и Златко Ристовски активист на СДСМ од Битола.

Извор : Независен.МК