Депресивни колачиња

0
1238

Вести од бункерот: по целосното укинување на аболицијата од страна на човекот што на странците им се претставува како претседател на државата, атмосферата во партиското седиште на режимот повторно е невесела, депресивна, вознемирувањето е големо, состојбата е накај траорна. Нема кој да одговори на прашањата: „Па, како ова вака сега, мајката?“, „Кого прв ќе го повикаат?“, „Кај е ненормалниот?“, „Да не мислиш ти дека ќе се спасиш?“, „А, да ја утепаме Катица?“ и сл. Четворица курири со пишани пораки трчаат низ Скопје наваму-натаму во три смени – едниот ми вели дека размислуваат да формираат синдикат на курири, ама не можат да се договорат околу тоа кој да биде лидер на тоа здружение за разнесување лоши абери. Веста дека е „провален“ телефонот на Големиот-Лидер-во-отсуство многу ја подгреала атмосферата за тоа чија жена каде оди на фризер, оти низ дуќаните на скопските женски бербери е отворена неофицијална обложувалница во однос на тоа кој ќе погоди, после гатачката, што ќе биде следната содржина што ќе се објавува од телефонската библиотека на Главата на Фамилијата.

А потоа налетав на интернет на продавницата за депресивни колачиња – depressedcakeshop.com. Тоа ви е светска франшиза на здруженија на луѓе што патат од депресија и кои, за да ја разбијат длабоката потиштеност, се собираат и заедно прават торти и колачи и, низ тој процес, некако успеваат да заборават на личните проблеми во кои се потонати. Чудесно!

Си мислам, бидејќи вицепремиерот на Владата, овој што е директор на офшор фирма и кој пет пари не дава што во Македонија, освен непостоечки морал, има и закон што забранува истовремено да бидете и вицепремиер и бизнисмен (и да тепате новинари); значи, баш тој е сопственик на бизнисот со синџирот бурекчилници – модерно, тоа се вика „млечни ресторани“ – „Пастел“, па би можел преку неговата фирма од Кипар да ја откупи таа франшиза за депресивни колачиња и, како странска инвестиција поддржана со фондови од Владата, да почнат колективно да месат и да печат пандишпани со Горде, Миле, Кирил, Грујо, бате Саше итн. Владата ќе распише тендер за купување торти, а бидејќи депресијата е легитимен здравствен проблем, Тодоров во фер постапка – како, на пример, при набавката на инсулинот – ќе им го додели тендерот и, додека со маткање јајца се лечат од напади на паника, ќе заработат милиони што ќе ги додадат на претходно заработените милиони, за да инвестираат во нови бизниси од кои и во иднина ќе заработуваат уште милиони. Чесно и поштено, што би рекол Амди Бајрам, кој се разбира во правење милиони. Човекот одлежа и затвор за таа експертиза.

НИЗОК ЛЕТ

И колку само елегантно изгубивме два месеца од рокот за кривично гонење на мафијата на власт поради човекот што мора да е погрешно запишан од матичарот под име Ѓорге Иванов – па, ви се молам, каков Ѓорге?! Разбирам Ѓорѓи или Ѓорѓе, разбирам Жорж или Џорџ, би се помачил да разберам и Георги/е, а за Хорхе е постигнат и национален мултиетнички консензус – но, Ѓорге?! Тоа е како кога мене би ме крстиле Сасхо, како што ми пишува латинично во пасошот. Затоа и велам, или кумот на Ѓорге или матичарот бил неписмен или начукан од ликер од калинки кога се запишувало! Од тогаш, до денес, мора уште да држи тоа алкохолно испарување вдишено од новороденчето Ѓорге, бидејќи нема друго колку-толку прифатливо објаснување за постапките на денешниов Ѓорге: уште ферментира таа калинка! И, така, успешно слупа два месеца од политичката хаварија во која се наоѓа Македонија, продлабочувајќи ја кризата вертикално, но и проширувајќи ја водорамно, бидејќи сега и себе ефектно се вклучи во оние што би морале да заминат од функцијата, макар за да остави простор на Груевски да се кандидира на негово место…
Како: Нема да сака? Е, па, тогаш, дилемата од бункерот „А, да ја утепаме Катица?“ ќе пермутира во став „А, да го утепаме Хорхе?“, ќе се растрчаат тоа куририте и којзнае до кај ќе стигне следниот пат работата со тоа авиончето. Додуша, во случајот на Ајванов – го прочитав овој англиски изговор од некого на интернет, злобно е, но политички сублимно! – планот со авиончето нема да функционира, бидејќи кој многу ниско лета, нема од кај да падне. А нашава валандовска калинка во ептен низок лет ги прелета досегашните 6-7 години на функција – понизок лет од ова би било копање под земја.

МОЌТА И ЛЕГИТИМИТЕТОТ

Има една видеоснимка на која британската кралица разговара со некој обичен човек, кому, наеднаш, му ѕвони мобилниот. „Подобро е да се јавите, можеби ве бара некој важен“, му вели кралицата на својот поданик, без трунка иронија во тоа што го изговара!
Е, па, кога нашите претседатели и аспиранти за таа функција ќе ја достигнат скромноста и, речиси, дистанцата кон сопствениот статус на една Елизабета, можеби ќе разберат во што е тајната на вековната кохабитација меѓу монархиите и демократијата, таа контрадикција во суштината на наследениот и изборно стекнатиот авторитет. Да се разбереме, немам јас никаков афинитет кон монархиите, тој екстравагантен украс на круните на некои од најстарите демократии во светот, но секогаш се воодушевувам од луѓе што големата моќ знаат да ја носат како добро разгазени чевли, без потреба да ја употребуваат за да спасуваат злосторнички банди од повикот на правдата и владеењето на законот.

БРЗА РАЗРЕШНИЦА

Но, забавата трае! Следното што, како одговор на очајот во бункерот, го смислил генијалниот криминален ум на Фамилијата е – да го оспорат укинувањето на аболициите пред Уставен суд! Значи, да појасниме: Уставниот суд, кој спротивно на важечките закони и кршејќи го Уставот, му даде право на Ѓорге да аболира осомничени политичари за тешки кривични дела со кои се доведе во прашање резонот на натамошното постоење на државата како таква, сега ќе ја оценува законитоста на тоа неправо заради решението на Ѓорге да ги повлече незаконските аболиции, овозможени од Уставниот суд, со што се тргнавме еден чекор назад од амбисот на логиката на тотално уништување на смислата на правната држава. Мислам дека сè е јасно и дека и Стевчо лесно ќе го објасни новото трикче пред бројните поддржувачи на ГРОМ кога, наскоро, ќе мора повторно да застанат во физичка заштита на Уставниот суд.

Јас целосно – како и во случајот со аболициите – ја поддржувам иницијативата укинувањето на аболициите да се стави на дневен ред на Уставниот суд, а по можност судот и да ја изгласа незаконитоста на таквата одлука и да ги врати аболициите во сила. Македонската демократска пролет, есен, лето и зима не може да добие подобар поттик од ова, точно во моментот кога некои помислија дека Фамилијата се вратила на власт и дека повторно ќе треба да се губи многу време за да се создаде масовен консензус дека оваа криза не се решава со преговори со мафијата – значи, таква мобилизација за грандиозни протести не би смислил ни најгенијалниот колективен ум на Шарената револуција! Тоа е и најкусиот пат за успешно завршување на преговорите, кои и онака не се водат, ама за кои ни ги отекоа да-не-кажам-што странциве.

ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА

Фамилијата предолго се потпира врз проценката дека најточниот опис на македонскиот политички менталитет е кумановската студија на случај: „Он ме е*е, ја си ќуту, да му виду намере“. Кога тргна целава работа со „жолтите комбиња“ на Грујо пред година ипол, кога заканата на режимот уште беше кредибилна и кога со внимание ги следевме вечерните вести за да видиме која е следната операција („трикче“) на злосторничкото здружение „за да им ги видиме намерите“, не беше голем бројот на оние што навистина веруваа дека ќе им дојде крајот. Денеска таквите се во убедливо мнозинство. Џабе толкувате анкети, дечки, амортизерите се попуштени, секоја дупка во асфалтот ја чувствуваме во бубрезите. Бројот на вмровци што ми приоѓаат – мене, од сите нивни потенцијални соговорници! – и енергијата со која говорат за пожелуваниот пад на Фамилијата од власт, ми пружа некоја сатисфакција околу можноста во Македонија да се вратиме по патот на кривулестите демократски врвици.
И, еве една храбра прогноза: кога ќе се случи големото граѓанско собирање за дефинитивно соборување на власта, по повод најлудата одлука на Уставниот суд до сега, на протестите нема да бидат врзани само албанското и македонското знаме – туку и знамињата на СДСМ и ВМРО, бидејќи депресивните колачиња на Фамилијата на сите им се дојдени преку нос!
Потоа, да не се грижите, реформата на судството и МВР ќе бидат меѓу првите точки на дневен ред. Без нужност од преговори.

Сашо Ордановски

Извор Плусинфо

Колумната е објавена во ,,Слободен Печат”