Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денес спроведува избор за нов партиски лидер.
Сегашниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, е единствениот кандидат за претседател на партијата на внатрепартиски избори.
Изборите ќе се реализираат во општинските организации на СДСМ низ целата држава на 78 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 20 часот. Надлежна за спроведување на гласањето е Централната изборна комисија.
Од СДСМ известуваат дека Централната изборна комисија го потврдила и го заклучила Избирачкиот список, на кој активно евидентирани се 23,712 членови, обезбеден е изборен материјал, паравани за дискретност при гласањето, избирачки кутии, ознаки и се што е потребно за изборниот ден.
Гласањето на болни и изнемоштени лица е овозможено, еден ден порано, односно во сабота на 05.04.2025 година.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски.
Сите детални информации, одлуки, правилници, роковници и останати документи поврзани со внатрепартиските избори за претседател на СДСМ се достапни на веб страната на СДСМ или директно на следниот линк.
СДСМ извести дека информацијата за резултатот ќе ја соопштат денес по завршување на процесот на гласањето. аа/Фото: МИА Архива.
Извор: МИА