ДЕНЕСКА ОДЕКНА БОМБА ВО КРИВИЧЕН СУД: Бошкоски во “Кампања” бил наместен со агент провокатор, парите не биле на загрозениот сведок, туку на МВР?!

0
5243

Кога на Љубе Бошкоски му се судеше во случајот “Кампања”, односно дека од странски државјанин земал 100.000 евра за финансирање на изборната кампања во 2011 година, неговите адвокати од петни жили се трудеа да докажат дека Бошкоски е наместен. Поточно се обидуваа да докажат дека човекот кој му ги дава парите не е загрозен сведок, туку агент провокатор со чија што помош МВР го намести Бошкоски.

По седум години се чини дека се потврдува ова сценарио, и тоа на денешното рочиште за случајот “Тортура” , на кое беше презентирана снимка на која се гледа како вработени во МВР ги пребројуваат и запишуваат по сериски број банкнотите од по 100 евра, а во вкупна вредност од 100.000 евра, кои ги одземаат од Бошкоски.

Значајно е тоа што од снимката можеше да се види дека банкнотите се по редоследен сериски број. Ова на судењата за “Кампања” го тврдеа и адвокатите, истакнувајќи дека сериските броеви откриваат дека парите не биле на загрозениот сведок, туку на МВР.

-И најбитно од се се сериските броеви кои се последователни еден на друг и во серии. Такви серии, една по друга поседуваат само народните (централни) банки. Ниедна деловна банка нема серии последователна една на друга. Ниедна. Обичен граѓанин не може да извлече пари од централна банка, но затоа може МВР, рече во завршниот збор адвокатот Донче Наков.

Но тогаш одбраната не знаеше за снимката која денес, по седум години, а за потребите на друг случај, беше презентирана како доказ. Тогаш направиле само увид во записникот од крим техника од кој забележале дека парите се со последователен сериски број.

Не е спорно или прв пат МВР да даде свои пари (од буџетот) и претходно да ги обележи, за да докажат случај за барање на мито. Но разликата е во тоа што во “Кампања” Бошкоски не барал мито, па сведокот да го пријави во полиција, и потоа да ја организираат акцијата. Бошкоски, според неговите адвокати, никогаш не бил пријавен дека бара пари, туку накратко речено, му биле понудени. Затоа неговите адвокати тврдат дека би наместен со агент провокатор, кој со закон не е дозволен.

Сепак овие тврдења судот никогаш не ги зема во предвид и Бошкоски беше осуден на казна затвор од пет години.

Исто така од снимката која се уште се презентира денес во судот се гледа како вработените во МВР додека ги попишуваат парите ги фаќаат со раце, без ракавици, а вештачењето покажа дека на банкнотите има папиларни линии на само две женски лица, а полицајците се мажи.