ДЕМАНТ ОД ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ОДРЖУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА МАГИСТРАЛНИТЕ И РЕГИОНАЛНИТЕ ПАТИШТА-СКОПЈЕ : ВМРО-ДПМНЕ ЈА ЛАЖЕ ЈАВНОСТА, ПОСТИГНАТАТА ЦЕНА НА БИТУМЕНОТ НА ЈАВНАТА НАБАВКА Е ДУПЛО ПОМАЛА ОД МИНАТИТЕ ГОДИНИ

0
841

ДЕМАНТ

ОД СТРАНА НА ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ОДРЖУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА МАГИСТРАЛНИТЕ И РЕГИОНАЛНИТЕ ПАТИШТА-СКОПЈЕ.

ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта Скопје најостро ги демантира грубите невистини и произволни, нереални констатации изнесени во јавноста од страна на претставници на ВМРО ДПМНЕ, претставени како наводи за незаконско работење!!!

Сакаме да напоменеме дека за конкретниот случај целосно се испочитувани законските обврски и процедури согласно законот за јавни набавки и сите законски предвидени процедури и критериуми преку бирото за јавни набавки.

Значи станува збор за законска постапка и целосна законско работење.

Спротивно на изнесените наводи од страна на Мицковски дека се работи за договор во четири очи, станува збор за Отворена постапка за Јавна набавка на стоки објавена и во меѓународно гласило со спроведување на електронска аукција.

Проценетата вредност на набавката изнесува 470.000.000,00(четиристотини седумдесет милиони) денари или приближно 7.629.000,00 (седум милиони шестотини и дваесет илјади) Евра, за две години. Самата постапка е започната на 25.02.2022, а завршува на 09.05.2022, по претходно спроведено решение донесено од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки и спроведена Управна Контрола од страна на Бирото за Јавни Набавки.

Изнесените констатации за тендерската документација се само со цел тенденциозно да се шират неосновани сомнежи, иако целосно се неоправдани, бидејќи корекциите се направени поради позитивно одговарање на поставени прашања од економски оператори и поради постапување по решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки, по кое мора да се постапи. Ова уште еднаш посочува на законско постапување.

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта Скопје има одговорено позитивно на поставените прашања од економските оператори со цел зголемување на интересот и поттикнување на конкуренцијата.

Последниот филтер пред донесување на конечна одлука за постапка од ваков вид е записникот од спроведената управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.

Се изнесоа и одредени квалификации поврзани со причините зошто фирмите кои првично се јавиле со барања за допрецизирање на условите од тендерската постапка не доставиле понуда, за што сакаме да потенцираме дека одлуката за учество на одредена тендерска постапка е на самите економски оператори кои исклучиво самостојно проценуваат дали можат да ги реализираат целите поставени во самата тендерска постапка согласно нивните капацитети, времетраење на постапката и квалитет кој го поседуваат.

Во однос на споредбите со друго локално јавно претпријатие сакаме да напоменеме дека споредбата се врши помеѓу различни модели на понуда и различни специфики на работа и испорака.

Имено во нашиот случај како влезен параметар во формирање на цената е берзанската цена на битуменот, додека другото локално јавно претпријатие како влезен параметар ја користи рафинериската цена на битуменот при испорака.

Исто така не смее да се заборави фактот дека проценетите потреби на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта Скопје се приближно 9350(девет илјади триста педесет) тони, истото поседува четири асфалтни бази локациски поставени во Скопје, Велес, Штип и Битола, и потребна е непречена и континуирана испорака на дневно ниво, а предвиденaта банкарска гаранција за кавлитетно извршување на договорот е 10(десет) проценти.

И на крајот да не заборавиме дека и во вакви услови оваа цена е дупло поевтина компаративно гледано со претходните години благодарејќи на методолошкиот пристап при формирање на цената на битуменот.

Во услови на изразена енергетска криза во светски размери која директно влијае врз зголемување на цената на енергенсите и на репроматеријалите и на стабилноста на испораките ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта Скопје во изминатиот период преку законско работење успеа да оствари позитивен биланс при работењето а следствено на тоа и исплата на задоцнети плати, неисплатени теренски додатоци, обнова и модернизација на механизацијата, соодветно вреднување на трудот на вработените и зголемување на ефективноста и ефикасноста при работењето.

Во интерес на јавноста и граѓаните, Јавното претпријатие ја повикува политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се фокусира на вистинити и реални состојби а не на невистини.

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта Скопје

ВД. Директор

дипл.ел. инж. Костадин Ацевски