Демант на Оливер Спасовски до ВМРО-ДПМНЕ

0
550

Министерството за внатрешни работи ги отфрла недоличните инсинуации изнесени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение. Неуспешниот обид за манипулација на кандидатите за полицајци во МВР уште еднаш покажа дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати фактот дека МВР веќе не е МВРО.

Министерот Спасовски во врска со кандидатите кои ја поминаа обуката за полицајци во претходниот период покажа дека нема намера да ги манипулира и злоупотребува како што тоа се правело во минатото и искрено и енергично се бореше да бидат примени сите 434 кандидати кои ја поминаа обуката, а исто така им излезе во пресрет на нивните молби да бидат распоредени во полициските станици најблиску до нивното место на живеење.

И покрај тоа што беше повеќе од јасно дека младите кандидати за полицајци некој се обидел да ги изманипулира, дезинформира и искористи како марионети во своите валкани политички игри, истите беа денеска, во неработен ден, примени од министерот Спасовски и им беа изнесени причините за застојот во потпишувањето на нивните договори, кои во оваа држава им се познати на сите освен на оние кои се причинители за таквите состојби.

Кандидатите за полицајци ги прифатија фактите кои им ги предочи министерот Спасовски и заедно се согласија дека овој проблем ќе биде решен во најскоро време, односно веднаш штом за тоа ќе се создадат законски услови.

Министерот Спасовски ги охрабрува кандидатите за полицајци да останат надвор од сите манипулации за нивна злоупотреба и да покажат дека навистина засалужуваат да застанат на браникот на државата.