Демагогијата на керберите

0
599

Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:

Се согласувам со Груевски: Доста беше! Доста е и од лицемерието во неговата вчерашна изјава, кога волкот за потребите на политичката коректност повторно си наметна јагнешка кожа, обраќајќи им се, како што рече, на „почитуваните граѓани на Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и останати, христијани и муслимани, припадници на други верски заедници, атеисти…“

Толку многу почит е вистинска симфонија за слушниот апарат, кога не би знаеле дека посочените адреси само до вчера етнички беа именувани како индијанци, шиптари, ватерполисти, фараони, цигани (со исклучок во честитките за Меѓународниот ден на Ромите), потоа човечиња, говеда, шушљупаковци, будалетинки, ѓубриња, копилиња, идиоти и други „суштества“.

И покрај ваквата интензивна параполитичка контракултура, сега токму Груевски вели дека времето на конфликтност мора да заврши: „Државата е поделена по сите можни основи и тоа мора да запре, а ќе запре со тоа што ќе почнеме со лични примери и пораки дека е доста од поделеноста, доста е гневот и фрустрацијата, доста е со кризите“.

Се согласувам дека конфликтноста треба да заврши, но и да се одговара за претходното масовно инвестирање во неа. Прв што мора да одговора за тоа е лично Никола Груевски, кој уште во 2009 година ги повика сите членови на партијата да се вклучат во последна пресметка со неистомислениците, со писмо кое ја шокираше домашната и меѓународната јавност.

Тој е премиерот кој воведе практика на длабоки поделби и за таа цел „овласти“ екипа медиумски лајачи за јавно сатанизирање на секој што ќе изрази различно мислење од она што тој го инсталираше како единствено исправно. Неговите егзекутивни „вмровски тројки“ се всушност оние троглави кербери, кои денес симболизираат дека тешко ќе излеземе од подземниот свет што тој го инсталираше во просторот за надземна демократија, а ја симболизираат и централизираната контрола на три во едно. Трите власти апсорбирани од ВМРО-ДПМНЕ.

Токму тој го подложи сопственото членство и приврзаниците на ритуална партиска иницијација за да произведе раскин со „неконтролираниот остаток“ и за јавно да ги жигоса во „платеници“ и „предавници“ сите што мислат спротивно од баждарениот партиски став.

Како да веруваме дека тој тренд ќе престане преку давање личен пример, кога и пред неполни три месеци, најавувајќи победа на изборите на 24-ти април, Груевски даде личен пример како ќе изгледа тој прекин на поделеноста: „Ќе помине долго, многу долго време, пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла…“

Човекот со ваков одзмазднички наратив, сега се обидува да ни се прикаже како демократ отворен за корекции на грешките, додека и натаму ни продава лажна слика испразенета од параметрите на реалноста.

„Две години сме заложници. Одиме на избори и нека победи подобриот“, вели цинично лидерот кој на избори ќе се натпреварува со самиот себе, игнорирајќи го фактот дека десет години сме заложници на желбата да владее сам, по принципот „кој го има мнозинството негова е државата“.

Долгото несанкционирање на неговиот распашан и авторитарен волунтаризам, денеска раѓа фигури од типот на директорот на Државната комисија за спречување корупција, кој бара да се затвори прашањето за имотот на Никола Груевски: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и веков, амин“… И сега треба да се тешиме што малку „подемократски“ настапи прозваниот Груевски, кој „дозволи“ неговата имотна листа да им се даде на новинарите кои ќе ја побараат.

Каква демагогија! Листата никој не мора да ја бара. Во демократско и транспарено општество таа мора да стои јавно објавена на сајтот на ДКСК, за секој да има увид во неа. Мислам на „народот“. Или можеби работа на „народот“ е само да гласа и да јаде сендвичи, но не мора баш се да знае.

За тоа како Груевски ги сфаќа медиумските слободи и реформи, не треба да се трошат многу зборови. Доволно е да цитирам како тој тоа му го објасни на почитуваниот народ: „На пример, ако ВМРО има 8 минути реклами, исто така 8 минути реклами да има и СДСМ. И обврска за балансирано информирање во вестите“.

Едноставно, нели? Ова го вели лидер на партија, кому за минутажата посветена за него во ударните термини може да му позавиди и лидерот на Северна Кореја, а и „комуњарите“ од минатиот систем. Дури и т.н. „журнал“ кој своевремено пред секоја проекција на филм беше посветен на активностите на другарот Тито, траеше многу пократко од она што денес ни го прикажуваат владините телевизии за активностите на другарот Груевски.

Целата колумна прочитајте ја на Призма на следниот линк ОВДЕ.