ДВОЈНИТЕ АРШИНИ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА

0
413

Руската амбасада на социјалните мрежи да редовно ги честита одбележувањата на значајни личности од историјата на земјава. Па така, амбасадата на Руската федерација во Скопје на македонскиот народ му ја честиташе 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Наведоа дека тој е народен херој кој станал симбол на ослободителната борба во Македонија и им честитаат на сите кои ги споделуваат неговите идеали. Безмалку истовремено, руската амбасада во Софија ја чествуваше 190-годишнината од раѓањето на рускиот дипломат Николај Игнатиев, по кого е именуван и плоштад во бугарскиот главен град. Токму Игнатиев, по руската победа над Османлиите во 1878 година, го потпишува Санстефанскиот договор, кој е поразителен за Македонија. Со Договорот, всушност е воспоставена Санстефанска Бугарија како независна држава и во нејзини рамки влегуваат делови од Македонија, сосема спротивно од идеалите за обединетост и независност за кои се бореше Делчев.

Сличен пример за дволичноста на руската дипломатија, особено во односите Скопје-Софија, е честитката за Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. На 24-ти мај, ден кој се празнува и кај нас, во Скопје, амбасадата на Русија го честиташе празникот на твитер, каде беше додаден цитат од рускиот претседател Владимир Путин, кој гласи: „Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја“. Но, во Софија, тамошната руска амбасадорка Елеонора Митрофанова го честиташе празникот на светите браќа, како Ден на бугарската азбука. Таа додаде дека без сомнение улогата на Бугарија во распространувањето на словенската писменост, јазик и култура била бесценета. Овие примери јасно укажуваат дека Кремљ ја адаптира својата позиција „по потреба“, хранејќи ги и македонскиот и бугарскиот национализам. Се наметнува и прашањето каква е нив вистинска намера. Воедно, се поставува и дилемата каква е официјалната руска позиција и гледиште за значајни настани од минатото.