Фото : Зоран Момироски
Во сообраќајката што утрово се случи на патот Битола – Прилеп, загинаа две лица, а едно е повредено.
Сообраќајката настанала во директен судир меѓу патничко возило „Тојота“ со прилепски регистарски таблички кое се движело кон Битола и камион кој се движел кон Прилеп. Екипите на Противпожарната единица сè уште се обидуваат да го изгаснат огнот , бидејќи при судирот возилата се запалиле.
Според првичните информации од началникот на Итната медицинска помош од Прилеп, Боше Милошески, повикот за сообраќајката го примиле околу 7:45 часот и на самото место е констатирана смрт на две лица од Прилеп, а со повреди се здобил возачот на камионот.
Екипите на полицијата и основното јавно обвинителство вршат сè уште увид на самото место, а магистралниот пат Прилеп – Битола е во целосен прекин.