Monday, December 2, 2024
8.8 C
Skopje

ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ ДОБИЈА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДОНОР

На хируршките клиники е изведена уште една трансплантација на органи од починат донор. Благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа, соопштија од Министерството за здравство.

-Во тек на изминатото деноноќие извршивме трансплантација од починат донор. Изразувам посебна благодарност на семеството на донорот, кои во најболен момент на лична загуба, се одлучија да ги донираат органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација. Пациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и на медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација – изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Фото: Министерство за здравство

За жал, поради ретката крвна група, овојпат на националните листи немаше реципиенти за другите органи.

Од Министерството велат дека трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот. За други, пак, е можност за поквалитетен живот.

-Но, таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса за живот – порачаа од Министерство.

ОВАА НЕДЕЛА

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ