Дваесет и четиригодишната пациентка од Тетово која почина од Ковид 19 немала никакви хронични болести

0
176
Дваесет и четиригодишната пациентка од Јегуновце, тетовско која денеска почина од Ковид 19 на скопската Инфективна клиника немала никакви хронични болести, само била донесена со тешка клиничка слика, потврдуваат за „Фокус“ од министерството за здравство.

Според нашите информации, се очекува во текот на утрешниот ден да има повеќе детали за овој случај, односно да се објасни текот на лекувањето на починатата пациентка. Како што дознаваме, на Инфективна Клиника во Скопје била донесена на 28 јуни, а претходно се лекувала два дена во Тетовската болница, каде дошла по една недела домашно лекување од КОВИД 19. Таа не била ставена на респиратор.

Во денешниот извештај на ресорното министерство, за првпат откако почна корона кризата во државата можеше да се забележи толку млада пациентка да почине од опасниот вирус.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 7.975. Притоа, бројката на оздравени пациенти е 4.080, на починати е 376, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.519.

ИЗВОР: ФОКУС.МК