ДА СЕ ИЗБЕГНУВА ИЗЛОЖУВАЊЕ НА СОНЦЕ МЕЃУ 10 И 14 ЧАСОТ ПОРАДИ ЖЕГАТА И ВИСОКИОТ УВ ИНДЕКС, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

0
732

Ако УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крем со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. (Фото: Ѓ. Личовски)

Поради високите температури кои деновиве ја зафатија земјава, Министерството за здравство апелира да се почитуваат препораките за заштита на здравјето, а особено да се внимава и да се преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето. Ако УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крем со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка.

УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, на плажа треба да се има предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето. Денес УВ индексот изнесува осум.

Од Министерството препорачуваат во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред сè климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крем со висок заштитен фактор.

За да нема дехидратации да се пијат многу течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се јаде помалку храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

Поради високите температури и зголемената можност за труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и јадење во многу кус рок по готовењето, а ако тоа не се направи, така зготвената храна да се стави во ладилник на плус 4 степени Целзиусови и пред употребата да се загрее на сто степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.

На хронично болните се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Министерството за здравство заедно со Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството, во континуитет и на дневна основа ја следат состојбата и ако има пораст на температурите согласно најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе бидат предложени соодветни превентивни мерки.

Извор : СДК.МК