ДА РАБОТАМ НАПОРНО, САМО ТАКА ЗНАМ, ХРИСТО КОНДОВСКИ ПРОМОВИРАН КАКО КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК ОД СДСМ ВО БИТОЛА

0
219

Ќе ја оправдам довербата и кандидатскиот статус ќе го преточам во градоначалнички мандат, вложувајќи ги сите мои професионални квалитети во мисијата Битола да ја направиме подобро и поубаво место за живеење, изјави Христо Кондовски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Битола.

Кондовски посочи дека како докажан и успешен менаџер ќе ги стави во функција сите свои знаења, вештини, способности и контакти со цел Општина Битола да продолжи по патот на развојот и просперитетот со една забрзана динамика.

– Согласно со изборните правила, наскоро ќе ги презентирам и моите проекти и концепти за развој на градот. Во изборната програма што ќе ја понудам, вклучени се и сите сугестии, предлози, барања што моите сопартијци ги нотираа на теренските активности. Знам дека очекувањата на битолчани се големи и се насочени кон понатамошен просперитет на општината. Знам дека нѐ чека многу работа, но да работам напорно – единствено така знам. Мојата немера е да обезбедам континуитет на она што е досега сработено во мандатот на почитуваната градоначалничка Наташа Петровска, но и да овозможам со уште повеќе работа тоа да се надогради и развива во посакуван правец за сите граѓани на Битола. Ќе работам домаќински, одговорно и транспарентно, посветено и со љубов како што сите ние секој ден треба да работиме на обврската Битола да биде уште поубаво место за живеење – истакна Кондовски денеска на прес конференција во Битола.