Да, протестот беше политички

0
758

Како учесник на денешните протест и марш кој зеде збор пред присутните и помогна во реализацијата, би сакал да му објаснам на Градот Скопје (мислам на одговорните за него, меѓу кои и Коце Трајановски директно, како градоначалник) дека – да, протестот со кој се оддаде почит кон загинатите по скопските улици, со барања за покревање свест за заштита на учесниците во сообраќајот кои се без моторни возила денеска беше политички.
Точно.

ognen-janeski

И тука нема ништо чудно. Доколку тоа за Градот Скопје е нешто негативно, нешто што треба да биде анимозитетно објаснето во реакцијата кон настанот, тогаш би сакал да им препорачам на вработените во Градот Скопје, а со тоа мислам и на Коце Трајановски како ВРАБОТЕН ОД НАРОДОТ да биде градоначалник, да си обезбедат обуки по локална самоуправа, цивилно општество и по граѓанско образование и да научат дека се’ е политика.
Политика за сообраќај и безбедност. Политика за живот. Политика за урбанизам. Политика за градежништво. Политика за екологија/зеленило. И се’ останато. Животот е политика. И доколку некаков протест или, пак, марш е политички, тогаш сме на добра патека кон демократичност, односно владеење на народот, преку свои претставници во општините и власта.

Исто така, не е откритие на векот дека жртвите пешаци и велосипедисти во сообраќајот се поради невнимание на несовесните возачи. И тоа е точно. Никој тоа не го оспорува.

Но, не смее да се избегне фактот што несовесноста на возачите произлегува директно од нив, поради овозможеното “летање” низ булеварите на автомобилите. Никој не го спори проширувањето на булеварите, но, се спори фактот што при таквата инфраструктурна распределба на моќите на учесниците во сообраќајот, најмногу се има посветено внимание кон моторните возила, без никаква размисла за заштита на пешаците, велосипедистите, инвалидите или за тие што се со бебешки колички.
Не тврдам дека тие што не се во автомобил, се најсовесните суштества, на против, односот со несовесност и сообраќајна некултура е веројатно еднаков и кај едните, и кај другите. Но, едните имаат огромна одговорност, зашто возат (буквално!) оружје!

И притоа се заштитени со метал, пластика, стакло, блинд… додека, пак, другите не се заштитени со какви и да се материјали, а притоа и при инфраструктуралните политики на Градот се изложени на страшни ризици – опасни по здравјето и животот. На пример, тротоарите се во ужасна состојба, таму каде што ги има. Како редовен пешак, многупати сум принуден да одам по улица, зашто или нема тротоар, или на него се паркирани возила, или кога врне, тротоарите пливаат во вода.

Велосипедистите се принудени да возат Париз-Дакар, со што се доведуваат себеси во опасност, но ги доведуваат и пешаците, зашто немаат каде да возат, со многу малку исклучоци. При проширувањето на булеварите со кои Коце Трајановски се фали, заборави да каже дека не ги проширува тротоарите, не прави велосипедски патеки, ни пак остава безбеден простор за пешачење, на пример таму каде што се гради, реконструира, реновира, фасадира, а тоа се прави скоро секаде.

Оваа објава е политичка. Точно. Реакција (како дел од политиката) која се однесува кон лошата политика на локалната власт, која е директно одговорна за инфраструктурата и безбедноста во сообраќајот. Одговорна е, зашто таа треба да обезбеди заштита на учесниците во сообраќајот и истовремено, регулација преку инфраструктура. Затоа и е одговорна за жртвите во рамките на својот Град и неговата територија. Доколку мислите дека совеста и културата на граѓаните не ја одржувате вие, тогаш сте некадарни и неподобни за функциите што ги извршувате.

Да си ја повторувате лекцијава кога ќе ви треба. Ќе си стои тука, зашто оваа објава, има во себе примеси на политика за образование.
Бидејќи нели, според вас, се’ е политички мотивирано. И точно е тоа. Во право сте. Само грешите кога мислите дека тоа е негативно и кон него гледате со одбивност и анимозитет.

Од фејсбук зидот на водителот и новинар на 24 Вести Огнен Јанески