Политичките партии и релевантните власти мораат итно да се справат со ситуацијата, во интерес на граѓаните за да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат. Договорот од Пржино е од огромно значење. Политичките лидери мора да го зачуваат и почитуваат нивниот политички договор и клучните принципи, владеењето на правото, одговорноста инклузивноста и кредибилните избори, рече директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон по средбите со политичките лидери, пренесува „Мета“.
Европскиот претставник, повтори дека е императив да се повлече аболицијата од претседателот. Тој истакна дека земја кандидат за влез во ЕУ мора да нуди еднаков третман пред законот за сите, како и одговорност за тие што го прекршиле. Според него, изгласаниот закон ги крши овие начела и изрази загриженост дека не се преземени конкретни чекори. Даниелсон порача дека не смее да има незаконитост и селективна правда.
Во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство, тој рече дека мора да му се дозволи да си ја врши работата.
– Ова е од огромно значење за да се обезбеди одговорност и да се врати довербата во владеењето на правото за граѓаните да му веруваат на судскиот систем – рече Даниелсон, изразувајќи загриженост за поткопувањето на работата на СЈО. Тој додаде дека тоа е црвената линија за меѓународната заедница.
Даниелсон истакна дека политичките сили во земјата сега имаат можност да ги имплементираат особено неопходните реформи и да се договорат за кредибилни избори што е можно побрзо.
– Реформите мора да се спроведат на инклузивен начин. Итните реформски приоритети кои политичките лидери минатата година ветија дека ќе ги имплементираат, мора да мрднат од мртва точка – рече Даниелсон.
Во однос на изборите, тој смета, дека работата треба итно да продолжи со решавање на добро познатите проблеми, како што се избирачкиот список, балансираното медиумско покривање, спречувањето на заплашување на гласачи, одвојување на државните и партиските активности, со цел идните избори да бидат веродостојни.
Тој ги поздрави и ги поддржа мирните напори на граѓанските организации за обезбедување на неопходни корективни мерки на власта. Даниелсон истакна дека различноста во погледите и слободата на мислење се клучни елементи на европската демократија и заклучи дека на државата и се потребни повеќе инклузивни дијалози, во кој ќе бидат вклучени сите делови од општеството.
Извор: Мета