ДАНЕЛА АРСОВСКА : ДОЛГОТ КОН ПРИВАТНИЦИТЕ Е ОД НЕДОСТАСАНИ ОБВРСКИ, А БЛОКАДИТЕ БЕА ОД ЛИЧНИ И ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ

0
540
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска изјави дека распишаниот оглас за 16 линии на кои очекува да се јават приватните превозници е ист со претходниот на кој не се јави ниту еден приватен превозник затоа што бараа да им се исплати заостанатиот долг од 1,5 милион евра.

Градоначалничката тврди дека е најдено решение и уверува дека приватниците ќе бидат исплаќани на ист начин како што им се плаќало изминатите 30 години.

„Апсолутна причина за блокадите беа дел лични, а дел политички мотиви. Не сакам да навлегувам во оние манипулации кои беа пласирани во јавноста, но таму има тековни побарувања. Вие кога имате склучено договор, за тој договор имате авансно фактурирање, тоа се недостасани обврски. За сето она кое што е тековно побарување од новиот договор и она од претходниот договор јавните превозници и ЈСП изнајдоа заеднички начин, продолжуваат понатаму и тие обврски тековно ќе си бидат исплаќани како што тоа било наназад изминатите триесетина години“, рече Арсовска.

Таа се надева дека откако ќе завршат двете недели, колку што трае огласот, ЈСП и приватниците ќе продолжат заеднички да го организираат јавниот превоз во Скопје.

„На наше големо задоволство, а верувам и на спротивната страна, најдовме заедничка платформа како да продолжиме понатаму. Соработката продолжува и на повеќе останати теми на кои треба да разговараме, особено имајќи предвид дека следи една голема реформа на јавниот превоз. Сакаме да се прилагодиме во целост на оние еко-стандарди што се неопходни за граѓаните да имаат не само квалитетен и брз јавен превоз туку еколошки јавен превоз кој што ќе биде во насока на тоа да имаме почиста и поздрава животна средина“, најави градоначалничката Арсовска.

Приватните превозници, поради долг од 1,5 милион евра, во ноември минатата година, прво престанаа да возат и се пожалија дека поради долгот немаат пари да купат нафта за да продолжат да ги извршуваат обврските, а потоа и го блокираа градот.