На 10 ти декември истекува последниот двомесечен затворски отпуст поради здравствени проблеми на Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, по што тој треба да се врати во Идризово на доотслужување на казната.
Но, дали тоа ќе се случи, останува неизвесно, со оглед дека тој веќе доставил ново барање за отпуст со приложено конзилијарно мислење и детална анализа зошто не може да се врати во затвор.
Во мислењето на лекарите од Клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски, што Јовановски го даде на увид на Канал 5, стои дека „Крајно потребно е пациентот да го продолжи лекувањето во домашни и либерални услови се до објективно подобрување на состојбата, во подолг временски период“, бидејќи како што се наведува, кај него „постојат истите ризик фактори за појави на комплиакции од живото-загрозувачки карактер, со што животот на пациентот би бил компромитиран“..
Сепак, она што е збунувачко за јавноста е, покрај наведената дијагноза и живото-загрозувачка состојба, како Јовановски е активен и навидум во кондиција, особено во изминативе два месеци во јавноста.Тој за утревечер најавува и промоција на нова песна со видео…
Освен тоа, најави и документерен филм наречен „Рекет“, како и случајот за кој беше осуден на 9 години затвор, а во меѓувреме организира и наградни игри преку социјалните мрежи..
Јовановски на прашање на Канал 5 како може да е активен, а да не може да издржува казна, посочи дека ја разбира збунувачката состојба која прозилегува од неговата активност, но вели дека не прави ништо противзаконско и дека тоа е еден начин за негова рехабилитација.
-Како можам да работам а да сум во лоша здраствена состојба, знаете како, хронично болни лица, работат, функционираат, се појавуваат, со тоа што јас се трудам да се рехабилитирам на овој начин и да бидам присутен во јавноста, бидејќи не праам ништо погрешно, не правам ништо што е вон регулативата и вон позитивните законски норми,- – Бојан Јовановски.
Јовановски првиот прекин на отслужувањето на казната го доби на 28 ноември 2023 година, а од КПД Идризово посочуваат дека од тогаш не е вратен во затворот и дека има континуиран отпуст. Тој беше во притвор и затвор од неговото апсење во јули 2019 година, а по неколку хоспитализации, во март 2023 година во болницата Свети Наум Охридски му беше извршена хируршка интервенција на желудникот, по што следуваше одлуката на судот за прекин на казната, која се предолжуваше до сега.. Дали Јовановски за една недела ќе се врати во Идризово или тој ќе може да продолжи со шоубизнисот, судот ќе одлучува деновиве..
Извор : Канал 5