Гукна и Хорхе први и последни Валандовски : Мора да се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија

0
792

Испраќање јасна порака дека мигрантските коридори се затворени, создавање услови за мир и стабилност и одржлив економски развој во земјите на потекло, како и примена на заеднички пристап во борбата против нелегалната миграција се неопходни за решавање на бегалската криза, порача претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање на денешната конференција „Геостратегиската и геополитичката положба на Република Македонија во услови на мигрантската и бегалската криза“.

Иванов во своето обраќање во Македонската академија на науките и уметностите порача дека освен предизвик, мигрантската криза е и можност за враќање на чувството за државност и одговорност кај политичките партии во Македонија, и од власта, и од опозицијата.

– Партиите не смеат да ја злоупотребуваат кризата за теснопартиски интереси и освојување евтини дневнополитички поени во предизборниот период. Мора да и се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија, рече Иванов.

Според претседателот Иванов специфично за бегалските рути е тоа што кога ќе се затвори една, се отвораат други рути, како и дека ние знаеме од каде доаѓаат бегалските рути, но не знаеме од каде поаѓаат, поради што е неопходен научен пристап кон се тоа што се случува во Африка, Блискиот Исток и Азија.

– Се додека постојат економски раздвижувања, безбедносни ризици и конфликти ќе бидеме изложени на овие мигрантски кризи. Интервјуата на нашите служби на границата покажуваат дека 90 проценти од сите мигранти што минаа низ Македонија користеле услуга од криминални групи, додека според последниот извештај на ЕУРОПОЛ профитот на криминалните структури со нудење услуги на мигрантите минатата година е шест милијади евра, рече Иванов.

Претседателот Иванов како решенија на кризата ги посочи најпрво неопходноста од испраќање јасни пораки до земјите на потекло на мигранти и бегалци дека мигрантските коридори се затворени, како што е договорот меѓу Европската унија и Турција, но и дека државите мора да го почитуваат договореното и да градат заеднички позиции.

– Второ, неопходно е создавање услови за мир и стабилност и одржлив економски развој во земјите на потекло. Неопходен е нов Маршалов план за Блискиот Исток и Северна Африка што ќе им ја врати надежта на луѓето во овие региони за квалитетен живот. Истовремено, европските држави мора да применуваат одржливи политики за интеграција без асимилација, за да ја избегнат опасноста од гетоизација, рече Иванов.

Како трето, Иванов посочи дека клучот за успешно менаџирање на мигрантската криза е кај транзитните земји и дека мора да научиме да си веруваме, да ги имплементираме договорите, да примениме заеднички пристап во борбата против нелегалната миграција, бидејќи ниту една држава сама не може да го носи товарот. – Во таа смисла, кризата претставува и можност за соседите да ја надминат недовербата и да почнат да соработуваат. Кризата е можност и за Европската унија бирократизацијата да ја замени со механизми за носење одлуки во услови на криза, истакна Иванов.

Претседателот на МАНУ Таки Фити на отворањето на конференцијата смета дека темата е многу значајна бидејќи се одржува во едно вонредно сензитивно време, кога земјата, како што рече проаѓа низ внатрешна, политичка и општествена криза, која дополнително се усложнува со постоењето на бегалската криза.

Конференцијата ја организира Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи. Овие две институции во рамки на конференцијата потпишаа и меморандум за соработка.

Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ Владо Камбовски рече дека специфичната геостратегиска положба на Македонија треба да се земе како битна одредница при преземањето неопходни државни, надворешни политички, економски и други мерки и активности за нејзино надминување.

– Масовната миграција и движење на народите и бегалците и жртвите на војните се денеска константа реалност што глобалната слика на светот ја менува не само во демографска, туку и во културолошка и цивилизациска смисла. Соочени сме со појава на големи преселби и сознание дека Македонија се наоѓа на нивниот правец на движење. И самата е вовлечена во нив, како попатна станица за мигранти, а во иднина како членка на ЕУ и како потенцијална крајна дестинација, нагласи Камбовски, истакнувајќи дека Македонија не смее да се изолира и остане без стратешки партнери во овој геополитички предизвик.

Директорот на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР Абдулкадар Мемеди изрази задоволство од можноста за одржување заедничка конференција на толку важна тема и потпишување на меморандум за соработка.