ГРУЈО УШТЕ ПРАВИ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ, ОВОЈ ПАТ НА ХАРТИЈА И ТОНЕР: БАРАЊЕТО ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ГРУЕВСКИ НА 800 СТРАНИЦИ ПРАТЕНО ДО УНГАРИЈА!

0
960

Република Македонија бара осудениот експремиер Никол Груевски да биде екстрадиран, а имајќи ја предвид сериозноста на кривичните дела, бара тој да биде лишен од слобода и задржан во притвор, потсетувајќи дека за него е издадена и меѓународна потерница. – Барањето за екстрадиција на Груевски (Фото: Министерство за правда)

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на избеганиот осуден експремиер Никола Груевски до министерството за правда на Унгарија.

„Република Македонија бара лицето Груевски да биде екстрадирано, а имајќи ја предвид сериозноста на кривичните дела, бараме истиот да биде лишен од слобода и задржан во притвор, потсетувајќи дека за него е издадена и меѓународна потерница“, стои во соопштениото од министерството за правда.

Целокупната документација за екстрадиција на осудениот експремиер Груевски е на 800 страници преведени на унгарски јазик.

Барањето за екстрадиција се однесува за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а за Груевски се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата.

Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски бил правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција.

Во образложението се укажува и на ништовноста на дадените помилувања од Претседателот на Република Македонија, како и на фактот дека истите беа отповикани, како и на тоа дека Никола Груевски самиот се откажа од даденото помилување со писмо доставено до кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

„Правата на Никола Груевски во секој момент биле обезбедени, вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање согласно Законот за кривична постапка. Укажуваме и дека судската постапка во која е донесена пресудата и другите постапки кои се водат против Никола Груевски се мониторирани од страна на ОБСЕ чија членка е и Унгарија“, соопшти Правда.

Во соопштението понатака се вели дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје на 28 август годинава, го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО и за ниту еден од мониторираните предмети не е истакната забелешка во поглед на правата на обвинетите, ниту може да се истакне било каков сомнеж дека кривичните постапки се политички мотивирани.

Република Македонија, според министерството, е безбедна земја и не се наоѓа во никаков конфликт, меѓународен или внатрешен, а кој би го ставил во опасност животот и телесниот интегритет на било кој поединец.

Никола Груевски како поранешен Претседателот на Владата на Република Македонија, имаше лично обезбедување од шест припадници на МВР кое му следуваат според домашното законодавство. Во образложението се вели дека Груевски во ниеден случај не пријавил дека неговиот живот и личен интегритет биле во опасност.