На само шест километри од Свети Николе, во Овчеполието, во запустена и изолирана локација зјае огромна метална конструкција. Оградена е и под катанец речиси две години, откако на 2 февруари 2014 година свечено беше поставен камен-темелник на фабрика за производство на печурки. Местото се чини идеално за производство на здрава храна. На околу петстотини метри поминува регионалниот пат Велес – Штип. Во непосредна близина има и железничка пруга, пишува „Призма“.
Овој дел од Овче Поле нуди многу можности, но како да нема к’смет да привлече сериозен инвеститор. Напротив, како што сведочат мештаните, се редат празни зборови и лажни проекти – ветениот економскиот бум исчезнува како меур од сапуница во истиот миг со претставувањето на инвеститорот. Светиниколчани сѐ уште со горчина зборуваат за големата измама со индискиот бизнисмен Субрата Рој, а по него се појави нов, промовиран од тогашниот премиер Никола Груевски и од Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе.
Холанѓанецот Теодорус ван Кампен, разбуди нова надеж кај жителите на Свети Николе, ветувајќи инвестиција тешка 25 милиони евра во модерна фабрика за производство на печурки, а Груевски најави дури 450 работни места. Со оглед на големината на странската инвестиција, општината Свети Николе, како што ни потврди градоначалникот Тасев, донела одлука инвеститорот комплетно да го ослободи од комуналните давачки.
Во Свети Николе каде што 450 луѓе чекаат вработување, никој од надлежните нема информација зошто е стопирана изградбата на фабриката за печурки. Ниту пак, се знае дали холандскиот инвеститор, евентуално се премислил. Јасен одговор не добивме ниту од државата, ниту од локалната самоуправа, ниту од инвеститорот со кого посредно се обидовме да контактираме.
Но, според пишувања на холандски новинари, проблемот можеби лежи во тоа што Теодорус Ван Кампен се соочува(л) со тешки обвиненија во сопствената земја. Бил гонет за даночна измама во вредност од околу 10 милиони евра. Државата му запленила фабрика, зграда и приватен авион. Холандските даночници, како што пишуваат медиумите, успеале да повратат околу еден милион евра.
„Тео К. (63 години) е првоосомничен во мега-истражување на обвинителството поради даночна измама од најмалку 10 милиони евра. Неговиот имот се одзема“, се вели во информациите што ги пренел холандскиот интернет портал „Follow the money“.
Целата истражувачка сторија ОВДЕ