ГРУЕВСКИ, БРАНИТЕЛИТЕ И НЕЧИСТАТА СОВЕСТ!

0
641

generalangelovsnajper

На 28 април 2001-та, 16 македонски бранители налетаа на заседа. Во заседата, осум македонски синови, осум македонски бранители, осум македонски војници и полицајци беа убиени. Сурово. Некои од нив беа запалени. Изгорени. Како свеќи. Неколку бранители беа тешко ранети. Еден од нив особено тешко. Смртоносно. Но остана жив. Остана жив спротивно на медицинската логика. Со јуначкото срце во неговите гради, со раскинатите црева во неговите раце, успеа да истрча доволно за да остане жив.

Заседата кај село Вејце ќе остане запишана во македонската историја. Со големи крвави букви. Во секоја нормална држава еден ваков траорен настан ќе беше одбележан со почести на највисоко државно ниво. За да им се оддаде почит на оние кои загинале но и на оние кои останале живи. Живи но осакатени. Некои во телата, некои во душите. Некои во телата и во душите.

Годишнината од заседата кај Вејце денес се одбележа на четири места. Во Битола градоначалникот и неколку советници од општината положија цвеќе на локалниот споменик на бранителите. Во касарната Илинден претставници на армиските Волци положија цвеќе на споменикот посветен на загинатите “Волци“. На централниот споменик на Бранителите во паркот “Жена Борец“ во Скопје цвеќе положи делегација на “Достоинство“. На местото на заседата во близина на село Вејце, на патот на кој загинаа македонските херои, цвеќе положи делегација на “Достоинство“.

Ниту еден претставник на највисоката државна власт, власт која патем нема изборен легитимитет, ниту претседателот на Државата, ниту претседателот на Собранието, ниту претседателот на Владата, ниту еден единствен министер, ниту еден единствен пратеник на Собранието не покажа доблест да се поклони во чест на загинатите и преживеаните, на било кое од посочените четири места. А и како да се појават после сѐ што ни направија! После сите понижувања кои ни ги приредија.

Претставници на државниот врв! Можеби е подобро што не се појавивте. Бидејки, вашата совест е нечиста а нашата нѐ. Нашата совест е чиста. Ние наместо вие никогаш нема да дозволиме да бидат заборавени нашите браќа! Нашите браќа по оружје! Браќа кои загинаа бранејки ја државата! Државата која вие, полека но сигурно, постепено ја уништивте!

Генерал Стојанче Ангелов