ГРКОВСКА ЗА НРТВ : ВО КАКВО ОПШТЕСТВО ЖИВЕЕМЕ ЗАВИСИ ОД СЕКОЈ ОД НАС И ТОА Е ПОРАКАТА ШТО САКАМЕ ДА ЈА ИСПРАТИМЕ ПРЕКУ КАМПАЊАТА ,,ЗАВИСИ ОД МЕНЕ И ОД ТЕБЕ”

0
210

Во какво општество живееме зависи од секој од нас. Секој од нас би требало да биде одговорен во делот на позицијата што ја има. И тоа е главната порака на кампањата што со мојот Кабинет ја реализираме под насловот „Зависи од мене и тебе“. Дали ќе одиме напред зависи од сите нас. И се разбира дека политичарите треба да бидат пример за тоа како треба одговорно, професионално, отчетно и чесно да ја вршат својата функција, да покажат како треба да изгледа политичар со интегритет кој работи за доброто на граѓаните, а не за личен интерес и таа порака да ја пренесе во сите сфери на општеството, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска која денеска гостуваше на утринската програма на Националната радио телевизија.

Вицепремиерката истакна, меѓу другото, дека во фокусот на кампањата се и младите, зашто целта е тие да добијат гласност во општеството и да дадат свој придонес во промените кои неизбежно мора да се случат.

На прашањето во однос на обуките за интегритет и добро владеење, Грковска нагласи дека преку Проектот за граѓанско учество на УСАИД беа опфатени седум средни училишта, 240 ученици и 180 вработени: директори, професори и друг кадар од седум средни училишта во земјава. Беа организирани и кампови и работилници за професорите и за младите за зајакнување на свеста за тоа што значи корупцијата.

„Младите се надежта на оваа држава, тоа не е некоја флоскула, меѓутоа зрелоста што ја покажуваат низ сите овие активности што ги имаме заедно со нив мене ми дава за право да заклучам дека имаме иднина со начинот на кој размислуваат. Младите треба да бидат оние кои ќе го донесат просперитетот, кои ќе влијаат на позитивните промени. Имаат шанса да направат модерно, демократско општество, да внесат позитивни промени“, рече Грковска.