Граѓанските организации до Бејли и Орав: Нема минимални услови за веродостојни избори на 5 јуни

0
596

Група граѓански организации денеска на амбасадорот на САД, Џес Бејли, и на евроамбасадорот Аиво Орав му го предадоа третото писмо во кое посочуваат дека не се исполнети ни минимални услови за веродостојни избори. Тие во 18 часот ќе одржат протест пред Собранието со барање за одложување на изборите, кои треба да се одржат на 5 јуни, пренесува „Мета“.

– Не е доволен само извесен прогрес во изборните реформи за да се создадат услови за надминување на политичката криза, туку е потребен и значителен прогрес во реформите и во другите сфери, владеењето на правото и фундаменталните права, деполитизирањето на јавната администрација и слободата на изразувањето. Се забележува сериозно назадување во владеењето на правото и поделбата на власта, изразена преку политичко самоволие и узурпација на законодавната и на судската власт од извршната власт. Едностраната одлука за распуштање на Собранието со одложено дејство е неуставен чин, кој во исто време е и спротивен на принципите на консензус утврдени во Договорот од Пржино – вели Андреја Стојковски од „Македонски центар за европско образование“.

Невладините организации ја осудија одлуката на Иванов да ги помилува сите политичари од судски процеси, побараа негова оставка, итно свикување на Собранието и одложување на изборите.

– Сметаме дека е неопходно итно повлекување на оваа одлука и поднесување оставка од претседателот Ѓорге Иванов. Очекуваме повторно свикување на Собранието и негова одлука за одложување на изборите на 5 јуни на неопределено време и ангажман за составување преодна влада која ќе ги спроведе потребните реформи – рече аналитичарот Рамадан Рамадани.

Доколку не бидат исполнети условите за слободни, фер и демократски избори, граѓанските организации најавија бојкот на изборите доколку бидат распишани на 5 јуни и ќе повикаат на протести против, како што велат, режимот кој ги гази човековите права.

Извор: Мета