ГРАД СКОПЈЕ: СО НОВА ИНОВАТИВНА ОПРЕМА ВОДНО ЗАШТИТЕНО ОД ПОЖАРИ

0
239

Скопските пожарникари придружувани од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ денеска изведоа показна вежба за гасење шумски пожар со помош на специјална опрема за гасење ваков тип пожари. Опремата се состои од два шумски трактори (четвороцикли), рачни пумпи за гасење пожар, моторни пумпи за вода, повеќенаменски алатки за гасење пожар, дрон со термална камера и моторни пили. На избрана локација на врвот на Водно единиците на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ покажаа како се гаси запалена нискостеблеста шума со помош на специјалната опрема и специјален адитив со кои за кратко се ограничува ширењето на огнот и се гаси пожарот.

– Се наоѓаме на падините на нашето Водно со цел Градот Скопје да демонстрира дел од новонабавената опрема која што ја користат единиците на Противпожарната бригада и одговорните од ЈП „Паркови и зеленило“ за одржување на Водно, а која е ефикасна при гасење на евентуалните шумски пожари. Дел од оваа опрема Противпожарната бригада ја користеше и при интервенциите што ги имаше ширум државата во екот на големите шумски пожари и токму ефикасноста која што можевте да ја видите придонесе тие шумски пожари да не се рашират – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Важно е да се потенцира дека за гасење шумски пожари БППЗ од сега ќе користи и специјален иновативен адитив за гасење пожари на отворено, произведен од македонската компанија ВТ Продакшн, која го произведе овој иновативен производ со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој и потоа го донираше за потребите на Противпожарната бригада. Станува збор за адитив кој што се додава во водата за гасење пожари и има уникатна способност да ја зголемува вискозноста и лепливоста на водата која останува на вегетацијата, што го прави процесот на гасење и контрола на шумските пожари многу поефикасен.