ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ НА ОНЛАЈН СРЕДБА СО ВУДС – ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ТЕМПИ ОД АРИЗОНА, САД

0
156

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на градот Темпи од Аризона, Кори Вудс, денеска одржаа онлајн средба по повод 50-годишнината од збратимувањето меѓу двата града. На состанокот по повод овој многу значаен јубилеј акцент беше ставен на плодната соработка што ја негуваат двата града. Двајцата градоначалници разговараа и на други теми, меѓу кои: како влијаеше пандемијата од Ковид 19 врз градовите и справувањето со климатските промени.

Градоначалникот Шилегов потсети на најзначајните активности што ги презема Град Скопје за поддршка на граѓаните во екот на пандемијата.

– Излеговме во пресрет на Министерството за здравство и преку нашите јавни претпријатија инвестиравме во подобрување на пристапноста во главниот клинички центар преку изградба на нови пристапни улици и уредување на паркинг-просторот, како и преку подобрување на пристапноста преку реконструкција на улиците до повеќе ковид центри. Реализиравме многу проекти за подобрување на движењето на граѓаните преку изградба на нови велосипедски и пешачки патеки, како и ослободување на јавниот простор и негова пренамена за пешаци и велосипедисти. Град Скопје ја намали таксата за работа на фирмите (фирмарина) и се откажа од присилната наплата на истата во време на пандемијата. Град Скопје беше првата институција во Европа која реализира проект за поддршка на културните работници, кои настапуваа на отворено и нивните настапи се пренесуваа преку интернет. Станува збор за проектот „Култура во време на корона“ кој е финансиска поддршка за културните работници кои немаат некаков формален работен однос со некое тело и институција, а од друга страна се даде содржина и забава за граѓаните во време на спроведените мерки за забрана за движење. Во 2020 и 2021 година преку овој проект се организираа над 50 настапи со повеќе од 200 изведувачи, а истите беа проследени од над 500.000 гледачи на социјалните мрежи и илјадници балкони во осум различни општини во Скопје. Сличен проект реализиравме и од областа на спортот – седум добро познати инструктори во различни домени на спортот за граѓаните понудија онлајн видеа со вежби за одржување на телесната форма за време на вонредните услови – објасни градоначалникот Шилегов.

Од 1972 година, па до денес, секоја година (со исклучок нa неколку години) во летниот период, успешно се одвива реципрочна размена на средношколци. Во изминатите 50 години околу 190 ученици од Скопје биле дел од оваа програма чија цел е младите да се запознаат, да учат едни за други и да негуваат долготрајни пријателства.

Во 1974 година е потпишан Протокол за соработка меѓу Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” од Скопје и Државниот универзитет на Аризона, во Темпи. Досега, во неколку наврати дела на млади уметници од Скопје учествуваа на меѓународната изложба во Темпи. Во 2003 година градот Темпи додели донација на 240 инвалидски колички на градот Скопје.