Новата градинка „Пролет“, која е прва изградена градинка по пет децении на територија на општина Центар, се очекува во март да ги отвори вратите и во неа да се згрижат дечињата од населбите Маџир Маало и Пролет.
Во март годинава, се надевам децата од Центар да бидат згрижени во оваа предучилишна установа која е изградена по највисоки светски стандарди. Изградбата е комплетно завршена, а на крајот на 2024-та година беше направен и технички прием. Иако во Центар немаме листи на чекање за упис на дечиња во градинките, ќе им го олесниме секојдневието на родителите од населбите Пролет и Маџир Маало кои своите деца ги носат во градинките во другите населби, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Новата градинка е со капацитет за 173 деца, сместени во 9 занимални. Градинката е енргетски ефикасна, во неа е поставен лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, како и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попречености.
Градинката има вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни и целосно е финансирана од Општина Центар во износ од околу 2.5 милиони евра.