Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. Основно, средно и високо образование завршил во Скопје. Во 1976 година дипломира на отсекот за драмски актери во рамките на Вишата музичка школа во Скопје.
Уште како студент, хонорарно е вклучен во неколку проекти на Драмскиот театар – Скопје, каде што се вработува во 1978 година. На матичната сцена остварува 43 улоги во претстави од различен жанр, меѓу кои преовладуваат комичните ролји по кои секогаш ќе остане запаметен и сакан од публиката. Учесник е во трите најгледани претстави на Драмскиот театар – Скопје („Солунски патрдии“, „Болва в уво“ и „Викенд на мртовци“), што го прави учесник и во трите најгледани претстави во Македонија со оглед на тоа што секоја од нив живеела на сцената над 20 години. Покрај настапите на матичната сцена, публиката го препознава и како омилен лик од ТВ-екраните и редовен учесник во македонската кинематографија. Актерската игра на Гоце Тодоровски се одликува со природно чувство за комедија, ненаметлива спонтаност во изразот, карактеристични живи гестови и мимика, виртуозна присутност на сцената и мангупски шарм со чија помош секогаш успева да ја префли играта во гледалиштето и да го плени и да го фати вниманието на секој гледач.
И покрај природната склоност кон комика, Гоце Тодоровски успешно се справува и со драмските задачи кои ги толкува низ својот актерски век. Ќе ја споменеме само суптилно изнијансираната улога на Ангеле во „Лет во место“, како и габаритната улога на Питу во „Сара Бернар“.
Критиката за него ќе каже:
„…Многу значајно место во севкупната поставеност на дејството има играта на Гоце Тодоровски како Ангеле. Со лежерно мајсторство, неговите појави на сцената точно ги лоцираат идеите на режисерот Слободан Унковски за пресметка со мракот, мачнината. Тежината на поттикот е да се оди докрај, до безизлезот, да се биде на сечилото на ножот, на кое се води пресметка со мракот/мачнината. Да се чуе крикот на оние чија адреса е улицата…“ (Лет во место)
„Гоце Тодоровски докрај беше во интимата и структурата на својот јунак, секоја реплика носи ново чувство, нов неочекуван и непредвидлив набој на емоции, нов елемент од светот во кој човекот е само дел од бескрајот на чиј почеток е неговата
беспомошност, а на крај на тој почеток е надежта…“ (Ревизор)
„Од изведувачката екипа, главниот збор го водеше Гоце Тодоровски. Го разви својот богат сценски темперамент во повеќето различни улоги што ги креираше, претставувајќи ни ги со една мошне сензибилна фактура. Неговите комични сенчења
на ликовите ја имаат секогаш нужната пластичност, свежина, неповторливост. Тоа беше безмалку артистичка вечер на Тодоровски, кој лесно се трансформираше од лик во лик, од сцена во сцена, со што заслужено ги освои симпатиите на публиката.“ (Солунски патрдии)
„Една од константите на претставата и едно од најпријатните изненадувања, секако, беше креацијата на Гоце Тодоровски во улогата на Арлекин, кој се залагаше во играта да внесе посодржајна комика и чии трансформации беа мошне успешни…“ (Арлекин, слуга на двајца господари) „…врз база на мимика, гест и артикулација прави креација која дејствува мошне убедливо во доследноста и пластичноста на креирањето на ликот; креацијата на овој актер претставуваше мало откритие во претставата…“ (Чудото на Свети Ѓорѓија) „…игра раскошно, крајно разиграно, со голема животна уверливост, внесувајќи извонредна атмосфера во целата претстава…“ (Собирен центар) „Неговиот лик беше изграден со точна употреба на комични и мрачни елементи. Тоа придонесе Тодоровски да биде еден од носителите на играта во претставата…“ (Ова не е американски филм) „Гоце Тодоровски како Мачорот Џингискан својот лик го сведува на разиграни импулси во кои има и разиграна самосвесна прецизност и самодопадливост и убава артикулација на темпераментот. Неговиот Џингискан од почеток до крај е цел еден систем на разработени и доработени импулси.“ (Мачорот Џингискан и Мики Траси)
Гоце Тодоровски е активен на повеќе полиња надвор од театарот. Со група актери работи на македонската естрадна сцена на комични серии, пиеси и скечеви. Учесник е во најдолговечното сатирично шоу во македонскиот радио етер – „Хихириху“. Со
колегите Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основа
комично-сатиричната театарска трупа „Модро окце“. Еден е од творците и долгогодишните учесници на Македонските народни приказни. Бил десетина пати во Австралија, каде што со тамошните аматери од театарот „Бумеранг“ работи повеќе претстави кои ги режира и во кои игра.
Неговите многубројни настапи, театарски, телевизиски, филмски и естрадни, го прават едно од најпопуларните и најпрепознатливи лица во земјава.