ГОРАН СДК: ОВА ВМРОВЦИТЕ СЕ УТЕПАА ОД ЛАЖЕЊЕ, И ИЧ ОКО НЕ ИМ ТРЕПНУВА, РОДЕНИ ПРЕВАРАНТИ!

0
520

Што ќе биде денеска вест на денот?  Што имаме ново од замениците, дополнителните, техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ задолжени за кавга? Каква ли изјава ќе смислат од богатиот вмровски вокабулар за ужасното, најстрашното од црнилата што ја имаат зафатено Македонија, од чемерот и јадот кај Македонците, од животот што станал руина, за сите да се занимаваме со нив? Еден ден лага. Друг ден демантирање на лагата. И медиумите сето тоа ќе си го објават.

И затоа е нормално технички министер уште прв ден на работа да каже лага, сѐ додека има медиуми кои ќе ја пренесат лагата без да ги проверат фактите. Воопшто не е важно дали некоја госпоѓа, техничка ли е, дополнителна ли е, заменичка ли е, не знае ни да го прочита тоа што ѝ го напишале, или пак друга техничка министерка сама си смислила интервју во партиските канцеларии за да го пушти уште првиот ден во пропагандна функција. Воопшто не е важно ни дали знаат зошто се поставени на тие места 100 дена пред избори, или намерно се преправаат дека не знаат што им е работа. Најважно е вмровската пропагандна машинерија да објави сѐ што ќе смислат во Белата палата,  дилетантските медиуми без проверка да пренесат сѐ што кажале, а другите од страв да не бидат обележани да глумат балансираност. И така, гласот на тој што кажува лага станува најгласен. И така, лагите стануваат вест на денот. Лажењето не е срамно, туку станува нормално.

Три години по падот на режимот на Груевски, уште повеќе се гледа плодот на долгогодишната работа на ВМРО-ДПМНЕ за создавање пропагандна медиумска инфраструктура. Тоа беше нивната цел. И успеаја. Со  25 милиони евра наши пари истурени само на три телевизии преку бесмислени кампањи, со уништување и кражба на други медиуми, со шиканирањето и прислушувањето новинари, со создавањето мрежа на помали медиуми кои ќе си се цитираат меѓу себе…

Ама, проблемот е многу поголем отколку само уништеното и дилетантско новинарство. Нам ни е сменета состојбата на духот. За какви општествени вредности може да зборуваме сега, кога лажењето е станато нормално?

Па пратениците Антонијо Милошоски и Димитар Стеванаџија измислуваа и ширеа лажни вести, а ние очекуваме од овие дополнителните, техничките да не манипулираат. И за очекување е да  продолжат со хистерија, со кавги, со конфликти, со плашење народ…  Не се тие виновни. Виновни се тие што лагите им ги објавуваат. Синким секоја изјава е вредна за пренесување. Или секој фејсбук статус.

Сѐ додека и глупостите што ги трескаат им се земаат за сериозно, тие нема да престанат. Како на пример, кога на прес конференција ќе кажат дека „единствената меѓународна поддршка на Заев доаѓа од лажниот принц од кој што доби одликување пред две години“. А истиот ден Мицотакис му велел на Трамп дека се надева оти ќе го убедат Макрон на Самитот на ЕУ во Загреб да одобри почеток на преговори со Македонија. Еј, Мицотакис. Од Грција. Оној што беше против Преспанскиот договор. Премиерот на „нашиот јужен сосед“, како што јавниот сервис во времето на Груевски имаше наредба да не го споменува името Грција.

Или на пример, кога во честитката за Нова година ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе кажат дека „во 2019 граѓаните ја живееја најмрачната година во историјата на државата“. Кога паничат,  паничат дека 2019 била „година на порази“.

Годината кога македонското знаме се вееше меѓу знамињата на САД и на Велика Британија на Самитот на НАТО во Лондон беше „година на порази“. Ако е тоа пораз, тогаш на што ли ќе личи победата на ВМРО-ДПМНЕ?

Линк до целата колумна на СДК.МК