ГОРАН СДК: ЗАЕВ Е СРЕЌЕН ЧОВЕК, МУ СЕ ПОГОДИ ДА ВЛАДЕЕ СО ЛИДЕР НА ОПОЗИЦИЈА КАКО МИЦКОСКИ

0
1101

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека е неприфатливо Македонија која е сиромашна да прими повеќе авганистански бегалци од богатите земји.

Не правиме муабет за сиромашни и богати. Правиме муабет за луѓе и нелуѓе. И не знам зошто Мицкоски воопшто влегува во тој муабет, освен ако не сака да задржи континуитет на својата политика цело време да биде антипротивен. Па, ако Заев речеше дека нема да примаме бегалци, тој веројатно ќе бараше да примаме.

Мицкоски ги повикува богатите да примат повеќе бегалци од нас, по само една недела откако тој носеше вода во Малешевијата додека истите тие богати ги гасеа нашите пожари. Го отвара муабетот за солидарност во зависност од богатството во Скопје, кој со гордост го носи името „град на солидарноста“ по помошта што од цел свет пристигнуваше по земјотресот во 1963 година. Им попува на богатите што 30 години истурија милијарди евра и долари да ни ја чистат земјата, да ни го средуваат школството, судството, да ни градат водоводи и канализации, да ни купуваат амбулантни коли и противпожарни камиони, да ни ги реновираат црквите и џамиите и да ни ги реставрираат археолошките наоѓалишта. Донациите на богатите ги учеа и политичките партии на демократија. Колку странски пари од богатите се вложени во обуките за ВМРО-ДПМНЕ да стане модерна конзервативна партија?

Го отвара Мицкоски муабетот за солидарност во земја која го негува споменот на децата бегалци од граѓанската војна во Грција во 1948. А бегалците по загушената револуција во Унгарија 1956? А бегалците од Босна и Херцеговина во 1992? А бегалците од Косово 1999?

Крајно, богатата Америка побарала од сиромашната Македонија да ѝ помогне, привремено да вдоми бегалци од Авганистан кои работеле за американската администрација и сојузниците. И ќе плати за тоа. А што ѝ вика на Америка лидерот на опозицијата? Носете си ги вашите Авганистанци кај богатите.

Па, Заев е среќен човек. Му се погоди да владее со лидер на опозиција како Мицкоски.

Целата колумна на Горан Михајловски ќе можете да ја прочитате на порталот СДК.МК ОВДЕ.