Ајде и понатаму да се занимаваме со платите и бонусите на СЈО. Тоа е многу поважно прашање од тоа што Уставниот суд одлучи да расправа за иницијативата, со која ќе се потврди дека поранешниот претседател Ѓорге Иванов имал право да ги амнестира педесетте функционери поврзани со прислушувањето и со сомнежите за криминал што произлегоа од прислушуваните разговори, ама немал право да ја повлече амнестијата.
Значи, сѐ било џабе. Џабе сме протестирале, џабе се формирало СЈО, џабе се потрошиле парите, џабе Никола Груевски избега во Унгарија. Само Уставниот суд не работи џабе. Работи за Груевски и за педесетчлената банда. А Ѓорге Иванов и неактивен е штетен за државата.
2Единствениот криминал за кој вреди да се расправа во оваа држава е тоа што Специјалната обвинителка Катица Јанева го рекетирала Орце Камчев. Сѐ друго за што цела деценија гледавме, чувствувавме, а после и го чувме во бомбите – не е криминал вреден за расправа. Барем не толку жолчна каква што е расправата за надоместоците на специјалните обвинители, хонорарите на нивните соработници и – кикиритките.
Една работа е кабаетот на Катица Јанева, општата разочараност дека го правела тоа за што е обвинета и изгубената надеж дека правдата ќе ги стигне арамиите за сѐ тоа што го правеле, а за што слушавме во бомбите. Сосема друга работа е хајката што се води против Специјалното јавно обвинителство и тимот што успеа да отвори 22 случаи со обвиненија. Не е СЈО само Катица, што нѐ зафркна сите. СЈО беше формирано баш затоа што Јавното обвинителство ја штитеше власта.
Како јавноста не се разгневи дека ниту еден од високопрофилните криминалци од тие случаи на СЈО не заврши в затвор, а се разгневи за платите и хонорарите на тие што ги покренаа тие 22 обвиненија? Како не се разгневија дека судот ги одолговлекува предметите на СЈО, дека уште од самиот почеток ставаше пречки на специјалните обвинители, а се разгневија за парите? Како јавноста не се лути што во судот се закочени процесите што ги отвори СЈО? Зошто јавноста не се прашува што прави Јавното обвинителство со 19 истраги што ги презеде од СЈО. Што се случува со четириесетина почнати предистраги? Зошто по тие истраги нема ниедно обвинение? Само рекетот на Катица и Боки 13 ли го исцрпи целиот капацитет на Јавното обвинителство?
И сега одеднаш – СЈО се крадците, а обвинетите од СЈО не се. И одеднаш – крадците од истрагите и обвиненијата на сиот глас врескаат „Држ’ го крадецот“.
Целата колумна на СДК.МК