ГОРАН МИНЧЕВ : „СО ЗЛОУПОТРЕБИТЕ БАЛАНСЕРОТ ЈА ИЗГУБИ СВОЈАТА НАМЕНА И ТРЕБА ДА СЕ УКИНЕ“

0
108

Злоупотребата на балансерот е нотирана и во скрининг извештајот на Европската комисија, па се поставува прашањето дали воопшто треба да постои како алатка, вели министерот за јавна администрација. Министерот за јавна администрација Горан Минчев го повтори ставот дека балансерот треба да се укине, но тој ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд кој следната седмица ќе ја преиспитува уставноста и законитоста на оваа алатка за вработување на малцинствата во јавната администрација.

-Алатката балансер начелно создадена за правична застапеност на заедниците во институциите, во минатиот период е често злоупотребувана. Јас неколку пати досега потенцирав дека имало случаи каде што Македонци се изјаснувале како Албанци, Албанци се изјаснувале како Македонци или пак припадници на други етнички заедници се изјаснувале или како Македонци или како Албанци. Таа злоупотреба на балансерот е регистрирана и аргументирана. Всушност, дигиталната алатка балансер ја губи својата намена за која е создадена. Оваа ситуација е нотирана и во скрининг извештајот на Европската комисија. Аналогно на тоа се поставува прашањето дали воопшто треба како алатка да постои. Мој став е дека балансерот треба да биде укинат – вели минисстерот Минчев во интервју за порталот Локално.

Во Законот за вработени во јавниот сектор децидно е наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници, додава тој, и таа формула се однесува исклучиво за населението кое што живее на територијата на Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година.

-Морам да истакнам дека по моето стапување на функција како министер за јавна администрација, затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници не беше во законските рамки. На моја иницијатива, таа аномалија е отстранета, формулата за пресметка е сменета, и во овој момент се спроведува – вели Минчев.

Во врска со иницијативата до Уставниот суд за оценка на уставноста и законитоста на балансерот Нинчев вели дека тогашното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) доставило мислење за иницијативата.
-Останува одлуката да ја донесе Уставниот суд, а новоформираното Министерство за јавна администрација ќе ја почитува, без оглед во која насока ќе биде донесена – вели министерот