ГОРАН МИЛЕВСКИ : ВО ПРОГРАМАТА НА ВЛАДАТА ВЛЕГОА ЗАЛОЖБИТЕ НА ЛДП ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНАТА И ТРГОВИЈА СО КРИПТОВАЛУТИТЕ

0
875

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски во „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека секој поединечно настапувале во преговорите со владата.

„Нас ни беше важно да влезе регулацијата на марихуаната и таа влезе со многу, баш како што ние очекувавме и невладините организации кои се борат за оваа тема“, вели Милевски.

Според програмата, Владата ќе ги интензивира политиките и активностите за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки од канабисот.

Преку измена и дополнување на законодавството, ќе се бараат решенија за да се дозволи освен лекари од јавното, и лекари од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да одгледува и користи канабис во форма која согласно неговата здравствена состојба најмногу му одговара (орално, преку инхалација или прекусупозитории).

„Законодавството, покрај регулирањето на правата на лиценцираните правни лица – производители, има потреба од сериозно надополнување по однос на личната употреба на канабисот на граѓаните и решавање на ова актуелно прашање. Имајќи го предвид фактот што засега голем број граѓани се прогонувани заради употреба на природната билка канабис, што ги става во неповолна положба во однос на другите граѓани, а со тоа им се загрозуваат нивните лични човекови права загарантирани со Уставот и меѓународните ратификувани договори, се попречува личниот и економскиот просперитет и социјален развој“, се вели во предлог-програмата.

На прашање на модераторот за тоа дали истата ќе биде дозволена, Милевски посочи дека таа влегла во програмата на Владата.

„Второ, бевме и за криптовалутите, да се регулира и да се овозможи трговијата, тоа влезе во програмата“, додава Милевски.

Во програмата предвидено е владата да се приклучи и на новите глобални текови, кои сериозно прогресираат и во најразвиените финансиски системи.

„Владата ќе им овозможи на граѓаните кои поседуваат биткоини или други стабилни криптосредства да ги разменуваат на легален начин, а домашните компании да вршат трговија кон странство во криптосредства кон своите добавувачи. Ова ќе биде дозволено со законско решение кое Владата и Министерството за финансии ќе го изработат во соработка со Народната банка и во консултација со комерцијалните банки во државата, а ќе бидат консултирани и релевантни експерти на оваа тема. Формалното решение ќе ги следи регулативите и препораките на Европската Унија за регулирање на пазарот на крипто средствата. Во овој контекст ќе се воведуваат и решенија за заштитни механизми против евентуални злоупотреби, како и во однос на спречување на перењето пари и намалување на неформалната економија. Формализацијата на тргувањето со криптовалути ќе донесе и даночен прилив во економијата на Северна Македонија на долг рок, а ќе ги привлече и потенцијалните криптоинвеститори од светот“, се вели во програмата.