ГЛАВНАТА ПОРАКА ОД ЕУ Е ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА РАБОТИМЕ И ДА ИСПОРАЧУВАМЕ РЕЗУЛТАТИ, ВЕЛИ МУЦУНСКИ

0
48

 

Владата ќе продолжи да работи и да испорачува резултати бидејќи тоа е главната порака дадена од Европската Унија, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, по денот исполнет со средби со европските претставници во Брисел.

„Дека од нас очекуваат резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци во државата“, рече Муцунски и додаде дека на средбите во Брисел ја афирмирале посветеноста на Владата за продолжување на патот кон ЕУ.

Во тој правец е сето она конкретно и опипливо што го има направено Владата за помалку од три месеци, насочено кон исполнување на највисоките стандарди на ЕУ, како и она што го нуди како излезно решение за предизвикот кој го кочи процесот за откочување на пристапните преговори на земјата со Унијата, вели Муцунски.

Во однос на т.н. „француски предлог плус“, односно усвојување на уставните измени со одложено дејство, министерот посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот со европските инситуции и со земјите членки ќе продолжи и натаму.

„Секако тоа што го зборуваме јавно го зборуваме и на сите овие состаноци, а тоа е дека очигледно постои предизвик создаден од лоши одлуки носени во минатото. И ќе повторам, ние работиме прво на заштита на нашиот национален интерес за да имаме предвидлив пат кон полноправно членство, а второ и на заштита на политиката на проширување. Веруваме дека со добра верба, добра волја и конкретни решенија може да се најде излез од секој предизвик којшто постои“, вели Муцунски.