ГИР : СИТЕ ТВРДЕЊА КОИ ВЕЛАТ ДЕКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ СЕ ЛАЖНИ

0
201

Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да ѝ пристапи на Европската Унија – дали затоа што ЕУ не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Унијата. Ниту едно од овие тврдења не е точно, рече денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на настанот на Министерството за надворешни работи со дипломатскиот кор организиран по повод одбележувањето на четиригодишнината од членството на С Македонија во НАТО.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир / Фото: Архива

„Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската Унија, патот е практичен и многу лесно остварлив“рече Гир во своето обраќање на настанот.

Говорејќи во таа насока, евроамбасадорот Гир кажа оти го споделува мислењето дека патот кон Европската Унија е пат на просперитет, зајакнување на демократските вредности, владеењето на правото, но и и пат на стабилност.

„Тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Република Северна Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас. И од овие причини ја поттикнуваме Северна Македонија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија. Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските што ги презеде во јули 2022 година по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг-процесот, како и имплементацијата на реформите кои беа утврдени во текот на овој процес, вклучително и тие што се набројани во новиот план за раст и реформи на Европската Унија“рече Гир.

Во однос на Северноатлантската алијанса, тој посочи дека таа останува темел за колективната одбрана на сојузниците и е од суштинско значење за евроатлантската безбедност.

НАТО и Европската Унија, рече Гир, истовремено играат комплементарна улога во зајакнувањето и поддржувањето на мирот и безбедноста во Европа.

„И навистина е препознаено дека една посилна и поспособна европска одбрана може позитивно да придонесе кон глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна и интероперабилна со НАТО“,рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Придржувајќи се на честитките по повод четвртата годишнина од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, Гир ја пофали земјава за, како што кажа, нејзиното стопроцентно продолжено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, а во контекст на нејзиното лидерство и примерот што го дава во однос на Украина.

„Од руската инвазија на Украина односот на НАТО со Европската Унија значително се зајакна преку стратешкото партнерство. Имаме многубројни области на соработка, вклучувајќи го спротивставувањето на хибридните и киберзаканите, поморската соработка, зајакнување на безбедносните капацитети, борбата против тероризмот и градењето капацитетирече Гир.

Потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на С Македонија, како и на другите земји од регионот на Западен Балкан претходно во своето обраќање на настанот ја истакна и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

„Во дадените околности европските и евроатлантските интегративни процеси претставуваат и безбедносно прашање и затоа се залагаме за што поскоро интегрирање на Северна Македонија во и земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Сега повеќе од кога било на евроатлантската и европската интеграција на Западниот Балкан треба да се смета како на алатка за подобрување на безбедноста и консолидирање на стабилноста на југоисточното крило како на НАТО така и на Европската Унија. Исто така демократските алатки за евроатлантска интеграција се најдобри алатки за спречување на конфликти и за злонамерно вмешување на трети страни. Демократските вредности и начин на живот ќе надвладеат доколку има доволна политичка поддршка и заедно дејствување на политичкиот запад, како и солидарноста со оние што ги прифаќаат истите вредности и бескомпромисно застануваат во нивна одбрана“рече тој)

Ова, посочи Османи, е причина повеќе за нова динамика во европската и евроатлантската интеграција на регионот.

„Политиката на отворени врати е особено значајна за да се истакнат темелните начела на европската безбедност, според кои сите држави имаат слобода да ги изберат нивните безбедносни аранжмани. Следствено неопходно е да се забрзаа проширувањето на ЕУ, за натаму да се зајакне нашата безбедност затворајќи го вакуумот, односно просторот за злонамерно влијание од трети страни“,рече министерот за надворешни работи.

Особено значајно е, рече тој, што Европската Унија го понуди реформскиот и планот за раст кој, како што кажа, има за цел да поттикне социоекономски реформи во земјите од Западен Балкан и и да ги усогласи политиките на регионот со ЕУ.

„Токму поради тоа веруваме дека е дојдено време за постојаните напори на Северна Македонија да бидат препознаени и пресретнати со солидарност од страна на ЕУ како заедничка инвестиција во безбедна Европа. Минуваме низ многу непредвидливи времиња и сите имаме свој дел од одговорноста“,подвлече шефот на македонската дипломатија.