Германската амбасадорка за потребните реформи: Правната држава, борбата против корупцијата, пописот…

0
249

За протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека тоа е основно човеково право, но не треба да се игра на националистичка карта.

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн во интервју за Радио слободна Европа (РСЕ) вели дека се надева оти првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ ќе се случи во декември годинава. Таа зборува и за тоа на кои реформите треба да се посвети земјава во наредниот период и ги наведува правосудството, пописот, Изборниот законик …

„Клучно секако дека е правна држава, борба против корупцијата, вклучувајќи ги реформите во правосудството исто така е многу важно брзо да се однесе законот за забрана од дискриминација и изборниот закон да се прилагоди соодветно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Основно за многу области во општествениот живот е пописот кој е планиран за април и Северна Македонија треба да почне да се позиционира за економските предизвици во внатрешната економија, но тоа сè се рефлектира во Владината програма“, вели Холштајн.

За протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека тоа е основно човеково право, но не треба да се игра на националистичка карта.

„Правото на слободно изразување на мислење, на собир и демонстрации секако дека е основно човеково право на секој граѓанин и граѓанка. Јас мислам дека да се игра на националистичка карта не носи ништо добро и не е од никаква помош“, вели амбасадорката.

Во интервјуто, како што претходно пренесовме, амбасадорката на Германија зборува и за меморандумот на Бугарија и порачува дека билатералните проблеми не треба да се стават во преговарачката рамка, како и дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на ЕУ во овој регион.