ГЕРАСИМОВСКИ : УХМР НАЈАВИ НОВО НЕВРЕМЕ, ЗАТВОРЕТЕ ГИ ПРОЗОРЦИТЕ И ОБЕЗБЕДЕТЕ ГО ОБЈЕКТОТ АКО ПРОТЕКУВА

0
546

Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски преку соопштение до јавноста посочи дека УХМР и за денеска издаде предупредување за невреме и упати апел до граѓаните да бидат претпазливи, да избегнуваат движење надвор додека трае невремето, да ги затворат прозорците и соодветно да го обезбедат нивниот објект ако протекува.

Како што се вели во соопштението, службите на општина Центар изминатото деноноќие се на терен, ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки и на одредени локации ги санираат штетите настанати од вчерашното невреме кое го зафати Скопје.

„Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата“, изјави градоначалникот Герасимовски, по завршувањето на состанокот на штабот.

До општината вчера пристигнале многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни простори, проблеми со шахтите и сливниците и сите тие се проследени до надлежните сектори или институции за натамошно постапување.