Генерал Стојков: Знам кој ме намести во случајот „Шпион“

0
2466

Во Апелацискиот суд во Скопје во тек е јавната седница за предметот „Шпион“, на која адвокатите и обвинетите во детали ги изнесуваат своите жалби за првостепената пресуда на Кривичниот суд. Обвинетиот Благоја Цветановски, кој е осуден на три и пол години казна затвор за делата злосторничко здружување и шпионажа, своето излагање, покрај за изнесување на наводите во жалбата, го искористи и да се пожали за притворот, објави Академик.

– Дали мене не ме опфаќа Европската конвенција за човекови права бидејќи три години сум во притвор за казна од три и пол години. Додека сум во притвор, почина мајка ми, а моето здравје е целосно нарушено – рече Цветановски.

Миќо Насковски, осуден за злосторничко здружување, се надева дека доказите што ќе ги понуди Специјалното јавно обвинителство ќе ја откријат вистината, а тоа е дека ова не е кривичноправен настан, туку кривично-политички настан.

За овој коментар, но и поради другите излагања на адвокатите и обвинетите, кои тврдат дека ова е политички монтиран процес, судијката Лилјана Ивановска-Шопова ги предупреди присутните да не користат политички памфлети и изјави, туку да се држат до доказите.

На ова реагираше првообвинетиот Марјан Ефремов и побара Судот да не брани нешто што не може да се одбрани.

Поранешниот генерал Горан Стојков, кој е осуден на 9-годишна казна затвор, рече дека си ги знае непријателите кои не знаеле како да се решат од него, па му наместиле судски процес.

Јавната седница трае веќе два дена. Во моментов Судот даде пауза. На крајот од излагањето на одбраната треба да се произнесе и Специјалното јавно обвинителство.