ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА СЕ ЧЕКААТ РЕЗУЛТАТИ, ИЗВРШЕНА Е ВОНРЕДНА ДЕЗИНФЕКЦИЈА

0
398

Комисијата за интрахоспитални инфекции при прилепската градска болница „Борка Талески“ по денешниот состанок се огласи со соопштение во кое нагласува дека во Болницата се постапува според годишна програма во согласност со правилникот на Министерството за здравство кој подразбира сузбивање и превенција на интрахоспитални инфекции. Велат дека се два случаи за кои може да се каже дека спаѓаат во интрахоспитални инфекции.

-Пријавени се вкупно два случаи кај кои може да се каже дека спаѓаат во интрахоспитални инфекции. Првиот случај е вадење на остеосинтетски материјал, во чиј изолат е најдена бактерија Serattia, рана чиста неинфицирана, а пациентот во добра здравствена состојба и излекуван е пуштен дома.

Вториот случај е пациентка која е дојдена за експлоративна интервенција по што е пуштена дома и е вратена следниот ден со покачена телесна температура, по што тогаш е земена крв за хемокултура и притоа е најдена Staphilococcus epidermidis (бактерија која сите ја имаме на кожата), а двете последователни хемокултури се без наод. Уште пред добивање на наодот од микробиологија емпириски е почната комбинирана антимикробна терапија соодветна на антибиограмот.

Пациентката беше пратена на лекување на терциерно ниво на клиниките во Скопје каде продолжија со соодветно лекување, но за жал случајот заврши летално. Други случаи за пријава на интрахоспитална инфекција во нашата болница нема, соопштуваат од Комисијата.Прилепската болница е темелно вонредено пречистена, дезинфицирана и во текот на денот очекуваат да стигнат неколку конечни наоди.