Во понеделник протест пред затворот Идризово за Љубе Бошкоски

0
567

Активисти и членови на партијата Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски во понеделник најавуваат протест пред затворот во Идризово. Протестот е закажан во 11 часот и на него ќе биде повикан директорот на затворот, Живко Пејковски да одговори чии наредби спроведува и дали е подготвен да ја преземе одговорноста за намерното продолжување на престојот на Бошкоски во затворот.

Според партијата, Љубе Бошкоски треба да излезе од затворот веќе следната недела, но директорот одбива да му ги даде трите месеци кои го следуваат екс министерот за внатрешни работи, мерка која досега исклучиво е спроведена и ја добил секој затвореник. Од партијата веќе кажаа дека ги знаат нарачателите кои побарале да остане Бошкоски во затвор додека не поминат изборите на 5 јуни, а како што најавија, ќе ги соопштат на јавноста.

Протестот во понеделник е само потсетување за директорот на Идризово дека не треба да ја злоупотребува својата положба за партиски или лични цели. Доколку не се потпише решението од партијата размислуваат да се преселат пред затворот и да ја блокираат институцијата се додека Бошкоски не излезе од таму. За тоа, велат дека ќе побараат поддршка од сите граѓани од цела Македонија, велат организаторите на протестот.