ВО КАВАДАРЦИ СЕ ГРАДИ ФОНТАНА ВО ЧЕСТ НА САШКО ГЕШОВСКИ, ПРВАТА ЖРТВА ВО ВОЕНИОТ КОНФЛИКТ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

0
261

Во Кавадарци започна изградба на фонтана во чест на Сашко Гешовски, првата жртва од Македонија во воените конфликти кои избија во 1991 година во Југославија. Беше убиен на 19-годишна возраст.Тој беше припадник на ЈНА, а својот воен рок го служеше во Сплит, Хрватска. Роден и израснат во Кавадарци, по завршувањето на средното училиште Сашко замина на отслужување на воениот рок во Сплит.

На 6-ти мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил младиот кавадарчанец. Во критичниот момент Сашко бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит.

Неговото загинување претставува првата жртва во жестокиот воен судир, кој го предизвика распаѓањето на Југославија во 1991 година. На 7-ми мај 1991 година во Кавадарци во негова чест се одржа голем протестен митинг каде учествуваше речиси целото население од градот и околните места, за да го искажат својот револт и тага за смртта на својот сограѓанин.На неговиот погреб присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краеви на Југославија, а во Кавадарци беше прогласена и тридневна жалост.Градоначалникот Митко Јанчев потврди дека е започната изградбата на фонтаната во чест на Сашко, а за истата се одвоени околу 44.000 евра.

-Започна изградбата на фонтаната во спомен на Сашко Гешовски, на кружниот тек кој го доби неговото име. Идејното решение се состои од централна кружна фонтана со висок млаз вода и две полукружни фонтани кои се изработени од темен материјал кој ја обиколуваат централната фонтана, материјалите се модерни, лесни за одржување и долготрајни.

Изведувач на проектот е ОЈА ДООЕЛ, а финансиската конструкција е во висина од 2 700 000,00 денари-информира Јанчев.Со смртта на Сашко започна ужасот на војната во Југославија. Во конфликтите во СФРЈ загинаа околу 40 македонски војници кои беа во редовите на ЈНА.И во Сплит редовно се одбележува годишнината од смртта на Сашко, пред општинската зграда. Група на негови почитувачи на секоја годишнина бараат од властите во Хрватска да биде поставена спомен плоча во негова чест.