Во раните утрински часови, полицијата спроведе акција низ Скопје, во која беа уапсени повеќе лица, меѓу кои и поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје, Филип Андонов – Сокол, како и неговиот најблизок соработник, заповедник во затворот Сашо Крстевски – Ѕверот.
Според првичните информации, станува збор за организирана криминална група, составена од сегашни и поранешни затворски службеници, осомничени за злоупотреба на службената положба, овозможување бегство и незаконско ослободување на затвореници.
Во пријавата поднесена против нив, како и против неколку други лица, се наведуваат сериозни кривични дела, вклучително и злоупотреба на службена положба и овластување (член 353), овозможување бегство на лице лишено од слобода (член 372), противзаконито ослободување на затвореници (член 373) и соизвршителство (член 22).
Според првичните информации, групата делувала подолг период, користејќи ги своите позиции за незаконски активности во затворскиот систем. Во тек е истрагата која треба да утврди дали и други лица биле инволвирани во оваа криминална мрежа, како и дали имало финансиски мотиви зад нивните постапки.
Официјални информации сè уште се очекуваат, но веќе е јасно дека ова е еден од најголемите удари врз затворскиот систем во последните години.
Инаку, Сокол беше именуван за директор на Истражниот затвор Скопје во населбата Шуто Оризари во 2020 година, а претходно му беше советник на тогашниот премиер Зоран Заев за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје. Пред тоа менаџираше локални барови и имаше еден неуспешен обид за угостител.