ВО АКЦИЈА СПРОВЕДЕНА ОД СТРАНА НА МАКЕДОНСКАТА И БУГАРСКАТА ПОЛИЦИЈА ОТКРИЕНА Е ИМПРОВИЗИРАНА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ДРОГИ ВО СОФИЈА КАДЕ ЧЕТВОРИЦА СЕ УАПСЕНИ

0
845

Две од лицата што се лишени од слобода се македонски државјани, а во акцијата се запленети повеќе килограми амфетамин и други видови хемиски супстанции и прекурсори.

Во заедничка акција на македонската и бугарската полиција е откриена импровизирана лабораторија за синтетички дроги, разбиена е криминална група и запленет е амфетамин, информираат од МВР.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Единица за недозволена трговија со дрога, како што велат од македонското МВР, по повеќемесечна оперативна соработка и меѓународна полициска истрага, насочена кон организирана криминална група составена од македонски и бугарски државјани, заедно со Одделот за борба против организиран криминал на Бугарија и во координација на Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа (SELEC), презеле синхронизирани дејствија и активности. Како резултат на тоа, вчера (10 февруари) во Софија е откриена импровизирана нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги.

Притоа, од слобода се лишени четири лица, од кои двајца македонски државјани.

Кај лицата се пронајдени и запленети повеќе килограми амфетамин и други видови хемиски супстанции и прекурсори. Истовремено, на територијата на Северна Македонија, при претрес на дом, пронајдени се и одземени бела прашкаста материја и други хемиски супстанции во прашкаста и течна состојба, велат од МВР.