ВМРО-ДПМНЕ ЗАПОЧНА СО АКТИВНАТА БЛОКАДА ВО СОБРАНИЕТО

0
318

Со транспаренти „Активна блокада за национален спас“ застанати пред собраниската говорница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска симболично ја почнаа активната блокада на Собранието.

Почетокот на денешната седница доцнеше речиси два часа, што според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски е доказ дека власта едвај обезбедува кворум и заради тоа се потребни предвремени избори.

-Денешната пленарна седница е закажана за 11 часот, сега е 12:40 часот, а согласно членот 84 став 1 вели – „Седницата на Собранието почнува со работа на закажаниот термин со присутните пратеници“. Тоа значи дека еден час и 40 минути време потребно за дискусија за која што молите и држите прес конференции и повикувате вие и претседателот на Владата, и пратениците го злоупотребувате и не почнавме на време. Па вас почитувани колеги пратеници од власта не ви треба активна блокада, вие самите се блокирате“, нагласи Мицевски.

Активната блокада, според најавите на опозицијата, ќе трае се до постигнување на договор за датум за предвремени парламентарни избори.

-Ние ќе бидеме активно присутни тука, ќе бидеме присутни за сите штетни политики кои што планирате да ги спроведете за да ги спречиме. Затоа што граѓаните и Македонија го бараат тоа. Активната блокада е излез од националната катастрофа која што вие ја приредувате во нашата држава, нагласи Мицевски.

Според пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Јован Митрески, сликата со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспарентите околу собраниската говорница е вистинската слика за единствената опозиција во светот која блокира Собрание во светска економска и енергетска криза. Истакна дека блокадите на важни закони не се национален спас како што лаже ВМРО-ДПМНЕ.

– Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој, не може да е за спас на енергетиката, а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Е ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас, посочи Митрески.

Митрески истакна дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сака избори треба да обезбеди 61 пратеник за распуштање на Собранието но тоа не може да го направи па затоа се обидува да ја блокира работата на Парламентот.

На седницата пратениците од СДМС ги изнесуваа своите ставови и уверуваа дека ја зборуваат вистината, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано ги покажуваа транспарентите. Тоа се случуваше и додека претставниците на Владата ги образложуваа законите од своите ресори.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги опоменуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не е нивна задача да ги бројат присутните пратеници или да ги фотографираат.