ВМРО-ДПМНЕ БАРА ИСТРАГА ЗА ПРОПАДНАТАТА ИНВЕСТИЦИЈА – ТИРЗ ГИ ПОВИКУВА НА УВИД ВО ДОКУМЕНТАЦИЈАТА

0
144
После скоро две години нити почната изградба на фабриката, ни С од стратешка инвестиција, ни 130, ни 720 милиони евра инвестиција, нити 890 добро платени работни места, ниту 4.000 индиректни работни места, ниту 30.000 произведени електрични автомобили годишно, ни ефект на снежна топка, ни бутур, обвинува ВМРО-ДПМНЕ откако вчера беше соопштено дека нема да се произведуваат електрични автомобил во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, односно дека дирекцијата на ТИРЗ го запиша извршувањето на договорот со кој требаше на овој простор да се изгради фабрика за производство на автомобили според германска лиценца.

-Но најстрашно е дали и каде заврши најавената државна помош за оваа голема лага. Имено владата одлучи оваа „инвестиција“ да ја поддржи со 35% од вкупната вредност, односно со 42,5 милиони евра народни пари. Медиумите во април месец 2023 објавија дека инвеститорот Некст.Е.Го Мобиле добил одобрување на државна помош од 42.585.856 милиони евра согласно извештајот на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2022.

Дека има нешто сомнително во оваа зделка говори и фактот што за јавноста остана непознат договорот на државата со компанијата инвеститор, бидејќи Владата не овозможуваше увид во целосната содржина на договорот, кој беше потпишан во август 2022 година. Повикуваме надлежните институции детално да го истражат случајот со државната помош за „фабриката за електрични автомобили“ во Тетово. Доколку тоа не се направи сега, после изборите и промената на власта ќе се спроведе целосна ревизија на овој таканаречен проект и ќе се провери дали и каде завршил секој денар од народните пари, се вели во соопштението од партијата.

Дирекцијата за ТИРЗ пак остро реагира на наводите за злоупотреба на јавни средства за проектот е.Го и тврди дека ниту 1 денар јавни пари не се исплатени кон оваа компанија.

-Во интерес веднаш да се расчисти со овие сомнежи и обвинувања и намалување на штетата врз луѓето и овие компании, јавно ја покануваме политичката партија ВМРО ДПМНЕ веднаш и без одлагање да дојде и да направи увид во целокупната документација на проектот и да најде макар 1 денар јавни пари исплатени на компанијата. Доколку се утврди дека вакви средства не се исплатени, очекуваме политичката партија да упати јавно извинување за нарушен углед до сите компании што користат поддршка од државата, а вработуваат близу 20.000 наши сограѓани и кои, само во 2023 година, уплатиле најмалку 75 милиони евра обврски кон Буџетот на државата, се вели во реакцијата.