ВЛАТЧЕ ГЛЕЈ ГИ БЕ СУГАРЕ И МИТКО ЈАНЧЕВ КАКО “КОВААТ ШАЈКИ” ВО КАВАДАРЦИ : Реконструкција на дел од водоводната и канализационата мрежа во Кавадарци

0
1397

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска беше во работна посета на општина Кавадарци,  каде заедно со градоначалникот Митко Јанчев извршија увид во реконструкцијата на дел од водоводната и канализационата мрежа.

Проектот е во вредност од 840 илјади евра и се очекува да биде завршен во месец март, следната година.

Реконструкцијата на водоводната и канализационата мрежа во Кавадарци е дел од проектот што се реализира со поддршка на КФВ банката со вкупна вредност до 13,8 милиони евра, кој покрај Кавадарци, опфаќа подобрување на водоснабдувањето и во Радовиш, Гевгелија и Гостивар.

„Овој проект е од огромно значење за населението на Кавадарци. Водоснабдувањето и канализационата мрежа се едни од основните потреби на граѓаните и главни предуслови за поквалитетен живот во населените места. Затоа, наша крајна цел е достоинствен и квалитетен живот на сите граѓани, да нема веќе населено место каде проблем ќе биде комуналната мрежа, да нема општина каде патиштата се запоставени со години, да нема регион кој нема соодветни услови за раст и развој, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески истакна дека Владата посветено работи на изградба и реконструкција на целокупната инфраструктура, со цел да обезбеди подобри услови за живот на граѓаните и економски развој на земјата и додаде дека ресорот Транспорт има одлична динамика на реализација на капиталните инвестиции.

„Подобрувањето на комуналната мрежа во Кавадарци е само еден од дваесетина проекти на кои работиме, а во моментов се подготвуваат уште десетина нови. Во делот на патната инфраструктура имаме 55% реализација на инвестиции или 115 милиони евра, во делот на гасификацијата имаме реализирани 71%, имаме 100% реализација во изградбата на социјални станови, а што се однесува на железницата, сакам да истакнам дека изградбата на пругата кон Бугарија се одвива со засилено темпо и очекуваме делницата Куманово-Бељаковце да биде завршена следната година. Со еден збор, интензивно работиме на крупни проекти насекаде низ државата и очекувам до крајот на годината силен раст на капиталните инвестиции“ – потенцираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во изјавата за медиумите.

Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев изјави дека со проектот кој општината го реализира во соработка на Министерството за транспорт и врски, а со поддршка на КФВ банка, Кавадарци ќе добие подобро водоснабдување и комплетно нова атмосферска канализација, што е од огромно значење за жителите.

„Со сите овие проекти што се реализираат во општината со поддршка на Министерството за транспорт и врски и генерално Владата, верувам дека за околу две години Кавадарци ќе биде една од најразвиените општини во државата, а квалитетот на живот ќе се издигне на нивото кое граѓаните го заслужуваат. Како дел од проектот, сега започнуваме со изградба на атмосферска канализација низ целата општина, со што ќе се подобри хигиената и ќе имаме еколошки поздрава и почиста средина. Исто така, како дел од проектот за подобрување на локалната инфраструктура што ќе се реализира преку Министерствотот за транспорт и врски, со средства од Светска Банка, во следниот период во општината ќе ги асфалтираме и рехабилитираме сите улици кои се во лоша состојба“ – изјави градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Во делот на патната инфраструктура во овој крај, беше реконструиран транзитниот дел на Кавадарци, во завршна фаза се рехабилитацијата на регионалниот пат Кавадарци-Росоман и изградбата на новиот мост на реката Луда Мара во Ваташа, а наскоро ќе започне целосна реконструкција на влезот на Кавадарци од страна на Неготино и ќе биде рехабилитиран постоечкиот патен правец, а предвидена е и изградба на обиколница на Кавадарци.