На денешниот состанок на Работниот комитет за Националната развојна стратегија 2024-2044, заменик-претседателот на Владата Арбен Фетаи ја нагласи важноста на владеењето на правото како основа за демократско, одржливо и развиено општество, велат од неговиот кабинет. „Владеењето на правото не е само принцип, туку тоа е темел врз кој се гради нашата иднина. Без независен, транспарентен и непристрасен правен систем, одржливиот развој е невозможен,“ рече Фетаи.
Тој изрази загриженост за постојаните предизвици, како што се политичките интервенции во судскиот систем, одложувањата во судските случаи и недостатокот на ефикасност од страна на судиите и обвинителите. Според Фетаи, последниот извештај на Европската комисија за нашата земја е „јасен повик за итна акција“. Вицепремиерот побарал тесна соработка меѓу институциите, академската заедница и меѓународните партнери за справување со овие предизвици и за градење на доверлив и одржлив правен систем.
„Време е за храбри акции, за вистински и мерливи реформи. Нашиот успех зависи од нашата посветеност за изградба на држава каде што правдата и развојот одат рака под рака,“ рекол Фетаи, според соопштението.